свет

Андалузија под црвен аларм поради бурата Леонардо

- Надлежните ја прекинаа наставата, затворија голем број патишта и го прекинаа железничкиот сообраќај во погодените подрачја, додека повеќе од 3.000 лица се евакуирани во Кадиз, Малага и Хаен

Melike Pala  | 04.02.2026 - Обновена : 04.02.2026
Андалузија под црвен аларм поради бурата Леонардо Alex Camara/AA

БРИСЕЛ (АА) – Регионалната Влада на шпанската автономна заедница Андалузија прогласи црвен аларм поради бурата Леонардо, која донесе обилни врнежи, поплави и сериозни нарушувања во секојдневниот живот во јужниот дел на земјата, јави државниот радиодифузер РТВЕ денес, пренесува Анадолу.

Надлежните ја прекинаа наставата, затворија голем број патишта и го прекинаа железничкиот сообраќај во погодените подрачја, додека повеќе од 3.000 лица се евакуирани во Кадиз, Малага и Хаен.

Според Службата за итни случаи на Андалузија „112“, во раните утрински часови денес биле регистрирани 159 инциденти, а најпогодени се провинциите Кадиз, Малага, Гранада, Севиља и Хаен.

Од кога е започнато невремето, службите за итна помош интервенирале во вкупно 1.320 случаи, а повеќе од 5.500 инциденти се пријавени од 27 јануари наваму.

Службата за Цивилна заштита издаде предупредувања за жителите во 48 општини, наведувајќи дека во некои подрачја може да наврнат над 200 литри дожд на квадратен метар.

Шест реки се под највисок, црвен степен на тревога, а уште 18 под портокалов аларм, при што реката Гвадијаро во близина на Малага веќе се излеа од своето корито.

Автономниот град Сеута остана изолиран по море и воздух, откако властите ги откажаа поморските и авионските линии поради портокалов аларм за крајбрежни појави. Наставата таму, исто така, е прекината.

Андалузиската Влада ги повика граѓаните да избегнуваат патувања, да не преминуваат низ поплавените подрачја и, доколку е потребно, да се повлечат на повисоки места.

Железничкиот сообраќај низ цела Андалузија во голем дел е во прекин, а во функција останаа само одредени релации.

Шпанската Генерална дирекција за сообраќај соопшти дека повеќе од 30 патишта се затворени поради поплави, одрони и наталожен снег.

Во некои подрачја, меѓу кои Корипе и руралните делови на Морон де ла Фронтера, пријавени се прекини во снабдувањето со електрична енергија, додека пристаништата, туристичките локации и јавните објекти во Кадиз и во областа на Гибралтарскиот Проток остануваат затворени.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.