Ayhan Şimşek
02 Јули 2020•Ажурирај: 03 Јули 2020
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка, Ангела Меркел, ја истакна важноста на стратешките врски на Европската Унија (ЕУ) со Република Турција и најави унапредување на дијалогот со официјална Анкара со цел да се помогне во решавањето на судирите во Либија и Сирија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Германија денес ја презеде шестмесечната улога на претседавач со Европската Унија, а канцеларката Меркел изјави дека верува дека членките на ЕУ треба да имаат покохерентна стратегија кон Турција и дека таа стратегија треба да вклучува и соработка и критика.
„Ние имаме стратешки врски со Турција и членки сме на НАТО. Решението за прашањето за бегалците е можно само со договор меѓу ЕУ и Турција, ако успееме да се договориме за тоа“, рече Меркел во обраќањето пред пратениците на германскиот Парламент.
ЕУ и Турција во 2016 година постигнаа договор за решавање на мигрантската криза. Турција тврди дека ЕУ не ги има испочитувано своите преземени обврски, додека турските власти го имаат спроведено својот дел од договорот значително редуцирајќи го илегалниот мигрантски бран кон Европа.
Меркел рече дека судирите во Сирија и Либија се клучни теми за кои ЕУ може да разговара со Турција.
Укажувајќи на бројните несогласувања и различните политички ставови кои ги имаат Турција и ЕУ, Меркел рече дека ЕУ треба да го продолжи критичкиот пристап кон Турција кога станува збор за нејзините погледи на темите како што е кипарското прашање.