Burak Bir
07 Февруари 2025•Ажурирај: 08 Февруари 2025
ЛОНДОН (АА) - „Амнести интернешнaл“ денес ја критикуваше извршната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување санкции на Меѓународниот кривичен суд (МКС), велејќи дека тоа „го предава“ меѓународниот правосуден систем, јавува Анадолу.
Агнес Каламар, генералната секретарка на „Амнести интернешнал“ во Велика Британија, рече дека санкциите сугерираат дека Трамп ги поддржува злосторствата на израелската Влада и прифаќа неказнивост.
„Оваа непромислена акција испраќа порака дека Израел е над законот и универзалните принципи на меѓународната правда“, рече таа.
Нагласувајќи дека глобалните правила се применливи за секого и имаат за цел да испорачаат правда за сите, Каламар истакна дека санкциите „претставуваат уште едно предавство на нашата заедничка човечност“.
„Денешната извршна наредба е одмаздољубива. Таа е агресивна. Тоа е брутален чекор што се обидува да го поткопа и уништи она што меѓународната заедница макотрпно го градела со децении, ако не и со векови“.
Трамп вчера потпиша извршна наредба со која се воведуваат санкции против МКС, обвинувајќи го Судот за „нелегитимни и неосновани акции насочени кон Америка и нашиот близок сојузник Израел“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант се соочуваат со налози за апсење издадени од судот во Хаг во ноември минатата година за воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.