Gözde Bayar
22 Ноември 2023•Ажурирај: 23 Ноември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден денес го поздрави договорот за размена на затвореници меѓу Израел и Хамас, јавува Анадолу.
„Како претседател, немам поголем приоритет од обезбедувањето на безбедноста на Американците кои се држат како заложници низ светот. Затоа - од најраните моменти на бруталниот напад на Хамас - мојот тим за национална безбедност и јас тесно соработувавме со регионалните партнери за да направиме сѐ што е можно за да обезбедиме ослободување на нашите сограѓани“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Бајден им се заблагодари на катарскиот шеик Тамим бин Хамад Ал-Тани и на египетскиот претседател Абдел-Фатах Ал-Сиси за нивното „клучно лидерство и партнерство“ во постигнувањето на договорот.
„Важно е сите аспекти од овој договор да бидат целосно спроведени“, додаде Бајден.
Израелската Влада утринава се согласи на договор за размена на затвореници со палестинската група Хамас.
Според договорот постигнат со посредство на Катар, 50 Израелци кои ги држи Хамас ќе бидат ослободени во замена за 150 палестински затвореници во израелските затвори.
Договорот вклучува и четиридневна пауза во борбите и влез на 300 камиони со хуманитарна помош, вклучително и гориво, во Појасот Газа.