Hakan Çopur
29 Март 2017•Ажурирај: 30 Март 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Претставничкиот дом на САД го прифати нацрт-законот со кој се укинува „правилникот во врска со безбедноста и заштитата на личните податоци на интернет“, кој во последните денови од мандатот на претходниот американски претседател Барак Обама беше одобрен од страна на Федералната комисија за комуникации (ФКК), јавува Anadolu Agency (AA).
Претставничкиот дом со 215 гласа „за“ и 205 „против“ го усвои нацрт-законот, кој ќе влијае врз прописите што беа во корист на безбедноста и заштитата на личните податоци на корисниците на интернет, и значително го спречуваше собирањето податоци и нивно продавање без дозвола од корисниците.
Во последните денови од мандатот на Обама како претседател на САД, овие прописи беа прифатени од страна на ФКК, но сѐ уште не почнаа да се применуваат. Со потпишувањето од страна на претседателот Трамп, нивното озаконување во потполност ќе биде укинато.
- Трамп ќе потпише -
Се очекува за многу кусо време овој нацрт-закон, кој минатата недела беше прифатен во Сенатот, да се најде пред Трамп. Белата куќа соопшти дека конкретниот нацрт-закон ќе биде потпишан од страна на претседателот Трамп.
Републиканците, кои го поддржаа нацрт-законот, истакнуваат дека правилата што ги потпиша ФКК се однесуваат на ограничувања за провајдерите на широкопојасен интернет, како што се „АТ&Т“ и „Вержн“, додека оваа регулатива не се однесувала на компаниите како што се „Фејсбук“ и „Гугл“, кои во моментов ги собираат личните податоци на милиони интернет корисници.
- Широкопојасните интернет провајдери наспроти „Фејсбук“ и „Гугл“ -
Од друга страна, демократите и дел од републиканците тврдат дека со новиот нацрт-закон, доколку нацрт-законот се примени кај компании, како што се „Фејсбук“ и „Гугл“, ќе се минимизира собирањето на личните податоци, додека таквото нешто кај широкопојасните интернет провајдери е многу потешко.
Се смета дека со потпишувањето на новиот нацрт-закон, прашањето „Дали безбедноста на личните податоци на интернет е во опасност?”, уште повеќе ќе ја потпали дискусијата во американската јавност. Дури и се смета дека републиканците ќе бидат приморани да направат чекор назад.
Во американските медиуми, вниманието го привлекувааат вестите што ја преиспитуваат блискоста на Трамп со раководствата на големите компании, како што се „АТ&Т“ и „Вержн“, кои се најзадоволни од оваа одлука.
Не е познато кога ќе започнат и на кој начин ќе се применуваат новите прописи околу безбедноста на личните податоци на корисниците на интернет.