Darren Lyn
23 Април 2025•Ажурирај: 25 Април 2025
ХЈУСТОН (АА) - Федерален судија во Соединетите Американски Држави (САД) вчера донесе одлука со која ѝ се наредува на администрацијата на Трамп да ја врати во функција медиумската мрежа „Гласот на Америка“, како и другите меѓународни новински сервиси кои беа затворени, јавува Анадолу.
Судијата Ројс Ламберт од Окружниот суд на Колумбија пресуди дека обидите за укинување на овие државно финансирани медиуми биле веројатно незаконски и нареди тие да се исклучат од планот на Одделот за владина ефикасност (DOGE), кој имаше за цел да ја намали федералната работна сила.
Со одлуката се наложува Агенцијата за глобални медиуми на САД (УСАГМ), која е матична организација на „Гласот на Америка“, да ги врати во функција и нејзините сестрински мрежи – Радио Слободна Азија и Блискоисточната радиодифузна мрежа.
Судијата Ламберт исто така издаде наредба УСАГМ да не го попречува известувањето на овие медиуми на начин што е „доследно доверлив, точен, објективен и сеопфатен“, како што бара федералниот закон.
Дополнително, од УСАГМ се бара повторно вработување на сите новинари и вработени кои биле пратени на принуден одмор, како и запирање на секое намалување на бројот на вработени сè додека трае судската постапка.
„Обвинетите презедоа драстични мерки за затворање на УСАГМ без јасен план и без почитување на законските обврски и функциите на агенцијата. Судот не може да утврди никаква логична стратегија зад нивните постапки“, истакна судијата Ламберт.
„Тешко е да се замисли поочигледен пример за произволни и неосновани дејствија од она што го направија обвинетите во овој случај“, додаде тој.
Одлуката не се однесува на Радио Слободна Европа/Радио Слобода ниту на Фондот за отворени технологии, бидејќи тие се вклучени во други судски процеси.
Претходно, Кари Лејк, назначена од Трамп за раководителка на мрежата УСАГМ, ја оправда одлуката за затворање на медиумите со наводи за „корупција, злоупотреба и расипништво“.
Но, судијата Ламберт го отфрли тоа.
„Обвинетите ја замолчија 'Гласот на Америка', ги укинаа фондовите за поврзаните мрежи и ги исклучија сите предаватели во странство“, рече Ламберт.
„Непоправливата штета што ја наведуваат тужителите го загрозува постоењето на УСАГМ, здравјето и безбедноста на нејзините новинари, како и интересите на милиони слушатели и гледачи низ светот кои зависат од нејзината програма“, заклучи судијата.