Gözde Bayar
10 Ноември 2022•Ажурирај: 13 Ноември 2022
АНКАРА (АА) – Над 100.000 руски војници се загинати и ранети во војната во Украина, изјави највисокиот американски генерал Марк Александар Мили, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето на настан во Економскиот клуб „Њујорк“, Мили, кој е претседавач на Здружениот генералштаб, говореше за геополитичките тензии и за она што е на хоризонтот.
„Си-ен-ен“ (CNN) пренесе дека Мили истакнал дека над 100.000 руски војници загинале и се ранети, а дека веројатно ситуацијата е слична и на украинската страна.
Напоменувајќи дека целосното повлекување на 20.000 до 30.000 руски војници од областа Херсон може да потрае неколку недели, Мили рече дека Русите би можеле да го искористат повлекувањето за да ги подготват своите трупи за пролетен напад.
Истакна дека руската страна го направила тоа за да ги заштити своите сили, за повторно да ги воспостави своите одбранбени линии јужно од реката Днепар.
Економскиот клуб „Њујорк“ на Твитер објави дека Мили изјавил дека рускиот претседател Владимир Путин изгубил огромно количество од воените капацитети.
„Кога постои можност за преговори, кога може да се постигне мир, искористете ја. Искористете го моментот“, навел Мили.
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, вчера нареди повлекување на руските трупи од јужниот украински пристаништен град Херсон кон источниот брег на реката Днепар.
Шојгу нагласи дека одлуката за повлекување е донесена за да се спасат животите на руските војници.