Safvan Allahverdi
05 Мај 2020•Ажурирај: 05 Мај 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот републикански сенатор, Кевин Крејмер, истакнувајќи дека саудиската администрација им отворила нафтена војна на САД, од претседателот Доналд Трамп побара да ги повлече американските војници и системите за воздушна одбрана „Патриот“ од Саудиска Арабија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за американскиот радиоканал „NPR“, сенаторот Крејмер се осврна на тензијата поради нафтата меѓу САД и Саудиска Арабија.
Изјавувајќи дека американските нафтени компании влегуваат во тежок процес поради намалената побарувачка на нафта во тек на епидемијата на Ковид-19, Крејмер рече: „Сè уште ѝ дозволуваме на Саудиска Арабија, која има удел во големиот недостиг со снабдување, да има лесен пристап до американските пазари.“
Крејмер наведе дека се согласува со идејата за примена на царински данок на суровата нафта што Саудиска Арабија ја испраќа во САД, и рече дека од Трамп побарал да ги повлече американските трупи и системите за воздушна одбрана „Патриот“ од Саудиска Арабија.
„Зошто да ги ставаме во опасност нашите 2.500 војници и системите за воздушна одбрана во Саудиска Арабија, коишто се таму да ја штитат саудиската нафта, кога тие прогласија војна кон нашата нафта?“, додаде Крејмер.
- Реакциите во Конгресот растат -
Претходно, 48 републикански конгресмени во Претставничкиот дом на САД испратија писмо до престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман, во кое се бара Саудиска Арабија да престане да им наштетува на глобалните пазари на сурова нафта и да преземе активности за обезбедување стабилност.
Пратениците, кои остро го критикуваа ставот на земјата кон производството на сурова нафта, истакнаа дека односите САД - Саудиска Арабија ќе бидат затегнати доколку саудиската администрација не ги преземе очекуваните чекори на пазарите на нафта.
Во писмото беше истакнато:
„Оваа ситуација ќе ги поткопа економските и воените односи меѓу нашите земји. САД со своето воено присуство на Блискиот Исток обезбедуваат економски просперитет и безбедност на двете земји. Како членови на Конгресот не сакаме ова партнерство да ослабе, но ако Кралството не направи чекори за решавање на оваа енергетска криза, ќе ја охрабриме американската администрација да ги разгледа соодветните одговори.“