Kasım İleri
05 Мај 2020•Ажурирај: 05 Мај 2020
ВАШИНГТОН (АА) – Копретседавачите на Групата за пријателство со Турција на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД) испратија писмо до Сердар Килич, амбасадорот на Турција во Вашингтон, во кое му се заблагодарија за медицинската помош што Турција ја испрати на САД за борба против епидемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмото потпишано од Стив Шабот, Стив Коен, Џо Вилсон и Џералд Коноли се упатува искрена благодарност до Турција за двата авиони со медицинска помош.
Во писмото, членовите на Конгресот, истакнувајќи дека во САД од Ковид-19 починале 67.000 лица, нагласија:
„Како што знаете, важен дел од намалувањето на болеста е да се заштитат здравствените работници кои се борат во првите редови. Тие не треба да се заразат за да можат да продолжат да ги лекуваат пациентите. 500.000 хируршки маски, 34.500 комбинезони, 2.500 други видови заштитни материјали и стотиците галони средства за дезинфекција ќе помогнат да се заштитат здравствените работници. Ја поздравуваме великодушноста на турскиот народ. Како сојузници во НАТО, многу е важно САД и Турција да бидат рамо да рамо во оваа криза и другите заеднички тестови со кои се соочивме во нашето партнерство.“
Минатата недела, со инструкции на претседателот Реџеп Таип Ердоган, два воени транспортни авиона на Турските вооружени сили (ТСК) испорачаа медицинска помош во САД.
Турција, во рамките на борбата против Ковид-19, испрати помош до речиси 60 земји, меѓу кои и Италија, Шпанија, Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Велика Британија и Сомалија.