Jeyhun Aliyev
16 Декември 2021•Ажурирај: 17 Декември 2021
АБУ ДАБИ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, соопшти дека Турција го назначила Сердар Килич, поранешниот амбасадор во САД, за специјален претставник, за разговори околу чекорите за нормализирање на односите со Ерменија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи пред новинарите во Обединетите Арапски Емирати, Чавушоглу рече дека дадени се позитивни изјави за нормализација на односите од двете страни, додавајќи дека има потреба од преземање мерки за градење доверба.
„Ние се консултираме со Азербејџан за секое прашање и преземаме такви чекори... Никој не треба да се прашува дали можеме да дејствуваме независно или одвоено од Азербејџан. Ние сме една нација, две држави. Тоа се позитивни работи кои ќе ни користат на сите“, рече Чавушоглу.
„Именувањето на Килич е направено со одобрение на претседателот Реџеп Таип Ердоган“, изјави Чавушоглу.
Тој, исто така, изјави дека турските и ерменските авиокомпании поднеле барање за реализирање летови помеѓу Истанбул и Ереван.
„Овие барања ги оценуваат Министерството за транспорт и Генералниот директорат за цивилно воздухопловство. Во принцип, ние позитивно пристапуваме кон тоа“, додаде тој.
Тој рече дека Турција сака да види мир, стабилност, економски развој и заеднички проекти во регионот.
Односите помеѓу Ерменија и Азербејџан се тензични од почетокот на 1990-тите години кога Ерменија го окупира Нагорно Карабах и уште седум соседни региони кои се суверен дел на територијата на Азербејџан.
Во текот на 44-дневниот судир што почна кон крајот на септември минатата година, Азербејџан ослободи неколку града и 300 населби и села кои Ерменија нелегално ги држеше под окупација речиси 30 години.
Конфликтот заврши во ноември 2020 година со договор со посредство на Русија, според кој Ерменија отстапи делови од територијата што ја има окупирано со децении.
Во јануари, лидерите на трите земји се согласија да ги развијат економските врски и инфраструктурата во корист на целиот Кавкаски Регион.
- Планирана посета на турскиот претседател на ОАЕ -
Чавушоглу рече дека посетата на Ердоган на ОАЕ се планира да се одржи на 14-15 февруари, додавајќи дека планираат да организираат настан за Националниот ден на Турција на „Експо 2020“ во Дубаи на 15 февруари.
Истакнувајќи дека односите меѓу Турција и ОАЕ не се на посакуваното ниво во последните години, Чавушоглу рече дека во последно време постои волја за нормализирање на односите.
Зборувајќи за неговите средби во ОАЕ, Чавушоглу рече дека имал многу продуктивни разговори за време на неговата посета и разговарал за прашања поврзани со економската соработка, особено инвестициите и трговијата.
„Има договори што ќе ги потпишеме во наредниот период, разговаравме за прашања како што е сеопфатен трговски договор поврзан со копнениот транспорт“, додаде тој.
Чавушоглу рече дека за време на неговата средба со престолонаследникот на Абу Даби, шеикот Мохамед бин Зајед ал Нахјан, се разговарало за билатералните односи и регионалните прашања, вклучително за Либија и враќањето на Иран кон Договорот за нуклеарната програма.
Тој рече дека нормализирањето на врските меѓу Катар и четири арапски земји имало влијание во целиот регион. „Ова омекнување позитивно се одрази и на нашите односи со регионот. Сакаме тоа да продолжи“, додаде турскиот министер.