Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout
10 Ноември 2022•Ажурирај: 11 Ноември 2022
КУДС (АА) - Амбасадорот на Соединетите Американски Држави (САД) во Израел, Том Најдс, изјави дека Вашингтон ќе се спротивстави на секој обид на Израел да анектира делови од окупираниот Западен Брег, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе се спротивставиме на секој обид за анексија“, изјави Најдс за израелската државна телевизија КАН.
„Ние не поддржуваме анексија. Не сме само ние, туку повеќето земји“, рече тој.
Опозицискиот лидер Бенјамин Нетанјаху треба да ја формира идната Влада во Израел, откако неговата десничарска алијанса победи на минатонеделните избори.
Таборот на Нетанјаху освои 64 места во 120-члениот Кнесет (израелскиот Парламент), додека 51 место освои таборот предводен од моменталниот премиер Јаир Лапид.
Еден од неговите сојузници, Безалел Смотрич, челникот на екстремистичката Религиозна ционистичка партија, сака да ја земе одбраната во идната Влада.
Смотрич е познат по своите екстремистички ставови. Тој ја поддржува анексијата на Западниот Брег и израелската цивилна администрација, која е одговорна за израелските населби на окупираните територии.
„Ќе видиме кој на кои позиции ќе застане и какви позиции ќе заземе“, рече Најдс. „Сакаме да видиме, реторички, што велат тие и како постапуваат... Во овој момент, Владата не е ни формирана... Потоа ќе утврдиме каков разговор може да се води.“
Вчера, израелскиот претседател Исак Херцог започна тридневни консултации со претставниците на политичките партии гласани за Кнесетот, пред да го даде мандатот за формирање нова влада врз основа на нивните препораки.