Ekipa
12 Октомври 2022•Ажурирај: 13 Октомври 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Двата амандмани предложени од демократските сенатори Боб Менендез и Крис ван Холен, со кои потенцијалната продажба на Ф-16 на Туркије е условена од низа услови, се отстранети од верзијата на Сенатот на годишниот Нацрт-закон за трошоци за одбраната на Соединетите Американски Држави (САД), јавува Агенција Анадолија (АА).
Сенатот се состана вчера (вторник) за да го финализира Законот за овластување за национална одбрана (NDAA), кој го вклучува буџетот за одбрана за 2023 година.
Расправата продолжува за речиси 900 поднесени амандмани за вклучување во Предлог-законот. Не се закажани гласања до 14 ноември, кога Комората повторно ќе се состане по паузата за средномандатните избори во САД.
Според информациите од извори во Конгресот, амандманите претставени од Менендез и Ван Холен се исфрлени од Предлог-законот.
Откако Сенатот ќе го усвои Законот за овластување за национална одбрана, тој ќе биде усогласен во заеднички текст со претходната верзија донесена во Претставничкиот дом пред да биде ставен на бирото на американскиот претседател Џо Бајден за да биде потпишан како закон.
Сличен амандман како на оние предложени од Ван Холен и Менендез, со кои се бараше да се наметнат услови за купувањето на Ф-16 од страна на Туркије, беше додаден во верзијата на Претставничкиот дом на Предлог-законот за овластување за национална одбрана, но се очекува овие дополнувања да бидат отстранети во заедничкиот текст.
Со амандманите се имаше за цел да се наметнат неколку ограничувања за продажбата на Ф-16 и сетови за нивна модернизација на Туркије, вклучително и тоа претседателот да мора го информира Конгресот за конкретните чекори што ги презел за да се осигура дека воените авиони „не се користат од Туркије за повеќекратни неовластени територијални прелети над Грција или воени операции против сојузниците на САД“.
Амандманот предложен од Ван Холен особено укажува на силите предводени од ЈПГ, сирискиот огранок на ПКК, означена како терористичка организација во Туркије, САД и ЕУ. САД соработуваат со СДГ, сили предводени од ЈПГ во нивните напори за борба против ДЕАШ во североисточна Сирија.
Се наведува дека дипломатските напори на Туркије во Вашингтон придонеле за оваа промена во Сенатот.