Gülşen Topçu
22 Декември 2020•Ажурирај: 23 Декември 2020
АЛЖИР
Абдулмеџид Шејхи, потсекретар на претседателот на Алжир, во изјавата за државното радио на Алжир рече дека нема да го заборават периодот кога биле француска колонија и дека нема да го затворат тоа досие, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Шејхи истакна дека сакаат да ги вратат документите што биле однесени во Франција за време на колонијалниот период.
Во изјавата дадена од француското Претседателство во саботата, беше наведено дека претседателот Емануел Макрон го информирал својот алжирски колега Абдулмеџид Тебун дека извештајот за колонијалното досие на Франција ќе биде готов во јануари 2021 година.
Од друга страна, во вестите објавени во француските медиуми се истакнува дека алжирскиот експерт за историја, Бенјамин Стора, испратил извештај до Макрон за тоа како да биде решено колонијалното досие.
- Четири години преговори меѓу Алжир и Франција
Алжир и Франција речиси четири години преговараат за четири различни поглавја во врска со колонијалниот период на Париз.
Преговорите се одвиваат за следните прашања: Франција да ги даде архивите на Алжир, враќање на коските на алжирските лидери убиени за време на Војната за независност, обештетување на жртвите од Алжир за нуклеарните тестови во пустината Сахара, реализирани од страна на Франција, и состојбата на 2.200 Алжирци што исчезнаа за време на Војната за независност 1954-1962.
Одбивајќи да ги предаде историските архиви на Алжир, Франција во јули ѝ ги предаде на алжирската администрација черепите на 24 алжирски борци за независност.
Претседателот Тебун на 19 јули го овласти претседателскиот советник Абдулмеџид Шејхи за задачата „да ја реконструира националната историја и архивите“.
На 25 јули, францускиот претседател Макрон го назначи алжирскиот експерт за историја Бенјамин Стора да го испита прашањето за „колонијалната историја и алжирската војна“ и да обезбеди „помирување меѓу двата народа“.
Алжир бара Франција да прифати и да се извини за злосторствата извршени за време на колонијалниот период, но администрацијата во Париз не го исполнува ова повикувајќи да се заборави минатото.