Албанскиот Парламент ја одобри новата Влада и програмата
- Одлуката „За одобрување на политичката програма и составот на Советот на министри“ беше одобрена со 82 гласа „за“, од 140 пратеници во албанскиот Парламент.

ТИРАНА (АА) - Албанскиот Парламент ја одобри програмата и составот на новата Влада предводена од премиерот Еди Рама, додека седницата беше проследена со дебати и тензии, јавува Анадолу.
Одлуката „За одобрување на политичката програма и составот на Советот на министри“ беше одобрена со 82 гласа „за“, од 140 пратеници во албанскиот Парламент.
Седницата, која траеше околу 28 минути, беше исто така проследена со тензии и дебати. Тензиите започнаа откако премиерот Рама побара од Парламентот да прикаже порака од министерката создадена од вештачката интелигенција Диела до пратениците.
Пратениците на најголемата опозициска партија се спротивставија на прикажувањето на пораката од виртуелната министерка Диела, нарекувајќи ја неуставна, додека неколку минути ја блокираа и говорницата и фрлаа предмети кон членовите на Советот на министри.
Според декретите на претседателот Бајрам Бегај, Белинда Балуку е назначена за вицепремиерка и министерка за инфраструктура и енергетика. Албана Кочиу е назначена за министерка за внатрешни работи.
Елиса Спиропали е назначена за министерка за Европа и надворешни работи, Пиро Венгу за министер за одбрана, Петрит Малај за министер за финансии и Бленди Гонџја за министер за туризам, култура и спорт.
Софјан Јаупај е назначен за министер за животна средина, а Мирела Кумбаро Фурџи за министерка за образование, додека Евиш Сала е министерка за здравство и социјална заштита.
Делина Ибрахимај е назначена за министерка за економија и иновации, Бесфорт Ламалари за министер за правда и Андис Сала за министер за земјоделство и рурален развој.
Ервин Демо е назначен за државен министер за локална самоуправа, Адеа Пирдени за државна министерка за јавна администрација и борба против корупцијата, а Тони Гогу за државен министер за парламентарни односи.
Мајлинда Ѓука е назначена за државна министерка и главен преговарач со Европската Унија.
По церемонијата на положување заклетва во Претседателството на Албанија, новиот владин Кабинет официјално ќе ја преземе функцијата.
На 11 мај 2025 година се одржаа парламентарни избори, каде што владејачката партија, Социјалистичката партија, го освои својот четврти мандат.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.