Lina Altawell
30 Јануари 2026•Ажурирај: 02 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Медиумската мрежа Ал Џезира го осуди усогласувањето на Јутјуб со одлуката на Израел за забрана на нејзините канали, оценувајќи го овој потег како „кршење на медиумските слободи и меѓународните стандарди“, пренесува Анадолу.
Во соопштението објавено доцна синоќа на американската платформа за социјални медиуми Х, Ал Џезира наведе:
„Остро ја осудуваме потчинетоста на Јутјуб на одлуката на израелските власти да го забранат емитувањето на нашите канали на платформата и да ги блокираат нашите веб-страници во Израел.
Овој одговор ги прекршува Водечките принципи на Обединетите нации за бизнис и човекови права, кои бараат глобалните технолошки компании да ја заштитуваат слободата на изразување и да се спротивстават на владин притисок што го замолчува независното новинарство.“
Претходно оваа недела израелските власти донесоа одлука да го блокираат емитувањето на катарскиот телевизиски канал Ал Џезира и либанскиот Ал-Мајадин во период од 90 дена, објави израелскиот весник „Хаарец“.
Израелскиот министер за комуникации, Шломо Кархи, во неделата на Х соопшти дека Ал Џезира и Ал-Мајадин ќе бидат блокирани во Израел на нивните веб-страници, телевизиските канали и на Јутјуб, почнувајќи од истиот ден.
Ал Џезира во соопштението наведе: „Забраната на нашите дигитални платформи и веб-страници врз слаби безбедносни основи праќа опасен сигнал дека големите технолошки компании може да бидат злоупотребени како инструменти на режими што непријателски се настроени кон слободата.
Оваа ескалација е дел од поширок и систематски модел на израелските прекршувања, вклучително и убиства и притворања на наши новинари и затворање на нашите канцеларии на окупираните територии, со цел да се потисне вистината“, наведе Ал Џезира.
„Бараме меѓународна истрага за тоа како технолошките платформи се потчинуваат на цензурата и воспоставување заштитни механизми против политички притисок“, се вели во соопштението.
До 11:00 часот по Гринич немаше реакција од раководството на Јутјуб.
Израел почна да ѝ забранува на Ал Џезира да работи во мај 2024 година, а оттогаш одлуката е продолжувана, наведувајќи го како причина известувањето на мрежата за војната во Газа.
За време на војната Израел уби повеќе од 71.000 Палестинци и повреди над 171.000, најголем дел жени и деца, а уништи и околу 90 отсто од цивилната инфраструктура во Појасот Газа.
Израел со децении ги окупира палестинските територии, како и територии во Сирија и Либан и го негира повлекувањето и воспоставувањето независна палестинска држава со Источен Ерусалим како главен град, по должината на границите пред 1967 година.