Ali Semerci
27 Мај 2021•Ажурирај: 31 Мај 2021
ГАЗА (АА) - Младите луѓе од Газа, во остатоците од урнатините на домовите уништени за време на нападите на Израел, испуштајќи пламен од уста, до светот ја испратија пораката за мир и живот.
Младите кои се собраа на остатоците од израелските напади врз градот Бејт Лахија на северот од Појасот Газа, демонстрираа акробации како што е испуштање пламен од уста.
Младиот Палестинец Ахмед Ебу Хасира, во изјавата за Агенција Анадолија рече дека акробатските вештини што ги поседуваат сакаат да ги покажат на урнатините на нивните домови уништени во израелските напади.
Истакнувајќи дека имаат за цел на целиот свет да ја пренесат пораката за живот и мир од Газа, Ебу Хасира додаде дека сакаат со користење на акробатските вештини да го свртат вниманието на светот кон израелските напади врз Газа.
Ебу Хасира истакна дека овој мал пламен кој го испуштаат од нивните усти нема никаква вредност во споредба со израелските напади врз Газа и пламенот на масакрот извршен врз цивилите.
Наведувајќи дека сакаат мир и живот, но дека Израел не се воздржува од напади врз Палестинците и се обидува да ја уништи Газа, Ебу Хасира додаде: „Ние сме тие што градиме живот. Ние не сме деструктивни. Но, постои окупаторска држава што ги напаѓа Палестинците. Ова уништување е резултат на нејзините напади.“
Израел и Хамас, со посредство на Египет, на 21 мај договорија прекин на огнот, со што се стави крај на израелските напади врз Газа што започнаа на 10 мај.
Во израелските напади врз Појасот Газа досега загинаа 254 Палестинци, од кои 66 деца и 39 жени, а повредени се 1.948 лица. Исто така, илјадници домови се потполно уништени или во голема мера оштетени.