Sarp Özer
13 Август 2020•Ажурирај: 15 Август 2020
БАКУ (АА) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, во придружба на командантите на Вооружените сили на Турција престојува во посета на Азербејџан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во придружба на министерот Акар, денеска во Баку се и началникот на Генералштабот, генералот Јашар Ѓулер, командантот на копнените сили, генералот Умит Дундар, командантот на воздушните сили, генерал Хасан Кучукакјус и командантот на турската морнарица, Аднан Озбал.
Турската делегација најпрво ги посети гробиштата „Фахри Гијабани“ во центарот на главниот град на Азербејџан, Баку. Акар на гробот на некогашниот азербејџански претседател Хајдар Алиев положи венец, како и цвеќе на гробот на неговата сопруга Зарифа Алиев.
Турската делегација потоа ги посети и гробиштата на турските шехиди. Со едноминутно молчење им е оддадена почест на турските шехиди и на споменикот беа положени каранфили. Акар остави порака во Книгата на честа.
Освен турската делегација, во посетата на гробиштата беше и азербејџанскиот министер за одбрана, Закир Хасанов.
Потоа Министерот за одбрана на Турција Акар ги посети турските војници кои учествуваа во азербејџанско-турската воена вежба. Акар поздравувајќи ги војниците за успешно завршената вежба истакна дека Турција стои покрај Азербејџан против Ерменија која изведе геноцид во Хоџали и го окупираше Нагорно-Карабах.