Elena Teslova
03 Ноември 2023•Ажурирај: 05 Ноември 2023
МОСКВА (АА) - Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев денес ги повика лидерите на туркиските држави да ја зајакнат соработката во одбраната, велејќи дека одбранбениот потенцијал на една земја е „најдобар гарант за безбедноста“, јавува Анадолу.
„Избувнуваат војни и крвави конфликти. Во овој случај главен гарант за безбедноста, пред сѐ, станува одбранбениот потенцијал. Сметам дека соработката меѓу земјите членки во областите, како што се безбедноста, одбраната и одбранбената индустрија треба да биде дополнително зголемена“, рече Алиев на Самитот на Организацијата на туркиските држави (ОТС) во Астана, Казахстан.
Тој рече дека Азербејџан продолжил со мировни преговори за да го реши 30-годишниот конфликт со Ерменија, но премиерот Никол Пашинјан јасно ја ставил до знаење нивната бесмисленост кога во 2019 година рече: „Карабах е Ерменија. Точка.“
„Понатамошните ерменски 'провокации' ја направија војната во 2020 година 'неизбежна', а Азербејџан, користејќи го правото на самоодбрана според член 51 од Повелбата на ОН, постигна победа на бојното поле и го врати својот територијален интегритет“, рече Алиев.
„Настаните во септември 2023 година беа поврзани со неподготвеноста на Ерменија да ги повлече своите вооружени сили од територијата на Азербејџан, одржувањето на таканаречените 'претседателски избори' во Карабах и смртта на цивили и полицајци“, рече Алиев.
„Потоа Азербејџан спроведе брза антитерористичка операција, целосно обновувајќи го својот суверенитет и уставен поредок во рок од 23 часа, во согласност со меѓународното хуманитарно право, што беше потврдено со две посети на ОН на регионот“, истакна азербејџанскиот претседател.
„Пред три години, веднаш по војната, Азербејџан започна опсежни активности за обнова и изградба на ослободените територии. Досега во овој потфат се инвестирани 7 милијарди долари од азербејџанскиот буџет, а за следната година се планирани најмалку 2,4 милијарди долари“, рече азербејџанскиот претседател.
Тој рече дека Азербејџан, исто така, инвестирал над 20 милијарди долари во економијата на туркиските држави.
„Процесот на создавање заеднички инвестициски фондови започна, а тоа резултираше со основање на Азербејџанско-узбекистанскиот инвестициски фонд и Азербејџанско-киргистанскиот развоен фонд“, додаде тој.
Организацијата на туркиски држави (ОТС), порано наречена Туркиски совет, е основана во 2009 година како меѓувладина организација составена од истакнати независни туркиски земји што работат заедно за да ги подигнат односите и меѓусебното единство.
Нејзини членки се Туркије, Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Узбекистан, додека Унгарија, Туркменистан и Турската Република Северен Кипар имаат статус на набљудувачи.