Ruslan Rehimov
08 Октомври 2020•Ажурирај: 08 Октомври 2020
БАКУ
Азербејџанската војска уништи уште 10 тенка на ерменската војска во операцијата започната со цел ослободување на окупираните територии, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека вчера се уништени уште 10 тенка, 6 хаубици Д-20, една самоодна хаубица „акатсија“ и 30 возила на ерменската војска.
Според најновите податоци, азербејџанската војска од 27 септември до 8 октомври уништи вкупно 260 тенка и оклопни возила на ерменските сили, 277 артилериски и ракетни системи, 60 системи за противвоздушна одбрана, 11 командни и набљудувачки места, 8 складишта со муниција, околу 180 воени камиони и возила и еден ракетен систем С-300.
На 27 септември ерменските сили започнаа нови напади врз азербејџанските населби и позиции, а азербејџанските сили одговорија со напади врз ерменските позиции.
Ерменските власти потоа прогласија општа мобилизација и воена состојба поради судирите во регионот на Нагорно Карабах, а и властите на Азербејџан исто така прогласија воена состојба во 19 подрачја, вклучувајќи го и главниот град Баку. Од 1991 година ерменската војска илегално го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупаторските ерменски сили од Нагорно Карабах и од седум други окупирани азербејџански региони.