Ruslan Rehimov,Recep Şakar
29 Февруари 2020•Ажурирај: 02 Март 2020
БАКУ
Азербејџан ја затвори границата со Иран на период од две недели со цел да се спречи проширувањето на новиот тип коронавирус (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Оперативниот штаб што е формиран заради превенција од Ковид-19 објави дека донесената одлука е испратена до иранските власти.
Во соопштението се истакнува дека ќе биде формиран коридор со цел иранските државјани што се наоѓаат во Азербејџан, како и азербејџанските државјани што се наоѓаат во Иран да се вратат во сопствените држави.
Од друга страна се дознава дека кај две лица, кои од Иран преминале во Азербејџан, откриен е новиот тип коронавирус.
Вирусот Ковид-19 вчера за првпат е забележан во Азербејџан. Рускиот државјанин, кој од Иран преминал во Азербејџан, поради вирусот бил ставен во карантин.
- Австралија нема веднаш да ги прифати странските државјани што доаѓаат од Иран
Поради епидемијата на Ковид-19, Австралија соопшти дека странските државјани што доаѓаат од Иран нема веднаш да бидат примени во земјата.
Грег Хант, министерот за федерално здравство, објави дека по забраната за патување во Кина, поради смртните случаи во Иран предизвикани од вирусот Ковид-19, забрана за патување и одредени ограничувања ќе бидат воведени и кон оваа земја.
Во рамките на забраните и ограничувањата, странските државјани што пристигаат од Иран, пред да влезат во Австралија ќе бидат принудени да останат две недели во некоја трета земја. Освен тоа, австралиските државјани што доаѓаат од Иран, при влезот во земјата ќе бидат ставени во изолација во времетраење од 15 дена.