Ekipa
04 Август 2016•Ажурирај: 05 Август 2016
ДУБАИ (АА) - По вчерашното принудно слетување авионот на Емиратите на меѓународниот аеродром во Дубаи забележан е поголем број каснења и откажувања на летовите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Еден од најфреквентните аеродроми на светот денес соопшти дека работи со „ограничен капацитет” и дека од моментот на несреќата е отворена една писта.
Се наведува дека одредени летови се пренасочени на другиот градски аеродром, меѓународниот аеродром „Ал Мактум”, како и аеродромите во близина на Оман и Бахреин.
Домашните и странските авиокомпании соопштија дека денес се откажани повеќе летови. Нискотарифниот превозник „Флај Дубаи” соопшти дека денес се откажани 20 летови.
На аеродромот во Дубаи вчера се случи инцидент поради лошо слетување на патничкиот авион на компанијата Емирати, кој притоа се запали на пистата.
Компанијата Емирати потврди дека помеѓу 282 патници и 18 членови од екипажите немало жртви при слетувањето на авионот од Тируванантапурам на аеродромот во Дубаи. Во несреќата загина еден пожарникар спасувајќи ги животите на патниците и членовите на екипажот кои се наоѓале во Боингот 777.
Од Емирати сè уште не ја известија јавноста за тоа што ја предизвикало несреќата и под кои околности дошло до принудно слетување.
Патниците кои се евакуирани од летот на Емиратите велат дека минута пред ударот на авионот во земјата пилотот најавил дека е неоходно да се изврши принудно слетување.
Индиските медиуми пишуваат дека патниците од авионот рекле дека пилотот им се обратил додека се приближувале кон Дубаи и им рекол дека се појавил проблем со механизмот за атерирање и дека мора да се изврши принудно слетување.
Патниците рекоа дека кабинскиот персонал ги отворил излезите за итни случаеви во авионот и дека сите 300 патници и членови на екипажот се евакуирани во рок од неколку минути по слетувањето. Пет лица се здобија со полесни повреди.