Пишува: д -р Тарек Черкауи
- Авторот е раководител во Истражувачкиот центар на ТРТ Ворлд (TRT World) и е автор на „Медиумите во војна: Судирот на западните и арапските мрежи на Блискиот Исток“. Д-р Черкауи е експерт во областа на стратешките комуникации.
ИСТАНБУЛ (АА) - На 25 јули тунискиот претседател Каис Саид објави дека ја замрзнал работата на Парламентот, го разрешил премиерот и им го одзел имунитетот на пратениците со активирање на членот 80 од Уставот. Овој чин беше најновата епизода во серијата кризи со кои земјата се бореше.
Додека претседателот Саид и неговите следбеници континуирано ги отфрлаа обвинувањата дека тој извршил „државен удар“, тие велеа дека Уставот му дозволува да користи вонредни мерки во случај на непосредна закана. Меѓутоа, јасно е дека потегот на Саид не се базира само на погрешно толкување [1] на членот 80 од Уставот, туку неговите првични одлуки ја отсликуваат пучистичката стратегија. [2] Тој го суспендира Парламентот и ги презеде сите извршни овластувања, вклучувајќи ги и јавните обвинителства и внатрешната безбедност.
Минионите на Саид се противат на етикетирањето за „пуч“, со образложение дека тој веќе бил шеф на државата и неговите постапки биле без пролеана крв. Ваквиот приговор е патетичен бидејќи она што го изврши Саид, спаѓа во категоријата „самонаметнат државен удар“, исто така наречен „автопуч“ (од шпанското autogolpe). Автопучот, како што објаснува универзитетскиот професор Чарлс Кал [3], „го извршува челникот на власта, а не воените офицери или други против тој челник на извршната власт“. Всушност, првиот автопуч забележан во модерната историја е извршен од Наполеон III во 1852 година. Под кодното име „Операција Рубикон“, со државниот удар беше распуштено Народното собрание и му беа доделени диктаторски овластувања на тогашниот шеф на државата.
- Што е следно?
Врз база на изјавите на Саид во изминатите две години и акциите што ги презеде од 25 јули, може да се предочи траекторијата. Прво и основно, многу веројатно е Саид да продолжи по својот пат за преземање на сите овластувања. Тој ќе се дрзне на промена на Уставот, што е негова цел од првиот ден. Меѓу клучните промени што треба да се очекуваат е слабеењето на овластувањата на Парламентот и проверките и балансите на институцијата претседател. Покрај тоа, ќе се прегледаат изборните закони за ниту една партија да не може да излезе како јасен победник од овие „избори“.
Треба да се напомене дека Саид никогаш претходно не бил дел од политичка партија. На тој начин, тој нема ефективна политичка платформа што би ја водела неговата визија од идеја до имплементација, обезбедувајќи си јавна поддршка. Некои експерти шпекулираа дека тој наскоро ќе создаде своја партија, но ова е помалку веројатно дека ќе се случи. Саид претходно го изрази [4] своето противење на идејата за политички систем базиран на политички партии како негова базична архитектура. Тој, исто така, ја изрази својата поддршка за полноправна државна децентрализација [5] преку левичарската идеја позната како „советизам“ [6], со локални совети како фундаментален столб на тунискиот политички систем.
- Недостиг на легитимитет -
Бидејќи Саид нема меѓународен легитимитет, неговото останување на власт зависи од два исхода: западната поддршка и помош од арапската оска на автократија (Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Египет). За да се задоволи ова, Саид најверојатно ќе приватизира национални компании како што се „Тунис ер“, „Сонеде“, [7] СТЕГ. [8] Во исто време, моќните синдикати на работниците, кои одиграа голема улога во парализирањето на реформите започнати од револуцијата во 2011 година, ќе бидат силно ограничени. Ваквите чекори ќе обезбедат благослов од Париз и другите западни престолнини. Во меѓувреме, нема да има вистинска војна против корупцијата или разбивање на моќните лобија. Само еден месец по неговиот пуч, Саид го затвори седиштето на Антикорупциската управа и го отпушти директорот, што дава силни индикации за работите што следуваат.
За да ја привлече оската на автократијата, Саид веќе ја зголеми својата шарм-офанзива кон Абу Даби [10], Ријад [11] и Каиро. За таа цел, тој ги затвори канцелариите на „Ал Џезира“ во Тунис, бидејќи мрежата чие седиште е во Катар е вечен иритант за автократите во регионот. Потоа тој ги затвори границите [12] со либиската легитимна Влада во Триполи, поради нејзината неусогласеност со гореспоменатите арапски престолнини. Покрај тоа, тој одлучи да го прегледа [13] Трговскиот договор со Турција, иако има позначителни дефицити во сличните договори со Кина и Италија. Понатаму, Саид е опседнат со Ен Нахда, обидувајќи се да прикачи имагинарни заговори за атентат [14] на оваа партија, со цел да ја забрани во политичката сфера.
- Што претстои понатаму?
Во моментов, многу луѓе во Тунис сонуваат за промена што може да одговори на основните социоекономски очекувања на населението. Дон Кихотските експерименти на Саид нема да ги исполнат тие очекувања. Иако можеби добри на хартија, експериментите на Саид се опасни, скапи и осудени на неуспех, бидејќи никогаш и никаде не биле испробани.
Уште полошо, голем дел од литературата покажува дека државните удари доведуваат до поголема политичка нестабилност. На пример, политикологот Патрик МекГован, кој половина век ги истражуваше пучевите што се случија во Африка, откри [15] дека успешните државни удари, неуспешните државни удари, па дури и заговорите за државни удари, ги оштетиле шансите за стабилност. Слично на тоа, истражувањето на Аристид Золберг укажува [16] на тоа дека „ударите предизвикуваат други удари“. Понатаму, Биенен и Ван де Вале велат [17] дека лидерите кои ја преземаат власта преку државни удари, многу веројатно е да бидат соборени од државен удар.
Од овој аспект, Саид би можел да е „корисен шут“ кој ја отвори антидемократската Пандорина кутија, само за на крај да произведе уште еден државен удар откако неговите химерични експерименти нема да успеат. Само овој пат, поттикнувачот најверојатно ќе дојде од безбедносниот апарат; од ѕвер во хибернација кој Саид го хранел и подигнувал.
* Мислењата изразени во овој текст се на авторот и нужно не ја одразуваат уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА).
[1] https://www.middleeasteye.net/opinion/tunisia-coup-kais-saied-nothing-constitutional
[2] https://www.hup.harvard.edu/catalog.php?isbn=9780674737266
[3] https://www.brookings.edu/blog/order-from-chaos/2021/01/08/no-its-not-a-coup-its-a-failed-self-coup-that-will-undermine-us-leadership-and-democracy-worldwide/
[4] https://pomed.org/past-as-prologue-kais-saied-prior-statements-political-moves/
[5] https://twitter.com/MedDhiaH/status/1173494284546465793?s=20
[6] https://www.marxists.org/subject/left-wing/1976/revolutionary-theory.htm
[7] https://www.sonede.com.tn/en/home/principal-content/home
[8] https://www.steg.com.tn/fr/index.html
[9] https://www.middleeastmonitor.com/20210821-tunisia-authorities-close-anti-corruption-authority-headquarters-after-evicting-employees/
[10] https://www.reuters.com/article/tunisia-politicis-emirates-idAFL8N2PE0PD
[11] https://www.reuters.com/world/middle-east/saudi-arabia-pledges-provide-support-tunisia-tunisian-presidency-says-2021-08-22/
[12] https://twitter.com/Tunigate/status/1429505940420800513
[13] https://www.reuters.com/world/middle-east/tunisia-seeks-urgent-review-trade-agreement-with-turkey-2021-08-20/
[14] https://www.middleeastmonitor.com/20210822-tunisias-ennahda-calls-for-probing-presidents-assassination-claims/
[15] https://www.jstor.org/stable/3876235
[16] https://www.jstor.org/stable/1953327
[17] https://www.jstor.org/stable/1956432
news_share_descriptionsubscription_contact
