Aşkın Kıyağan
12 Јануари 2023•Ажурирај: 13 Јануари 2023
ВИЕНА (АА) - Во Австрија во 2022 година повеќе од 90.000 христијани ја напуштиле Католичката црква, што наводно е најголемиот годишен број во историјата на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Агенцијата за статистика на Католичката црква се наведува дека минатата година Црквата ја напуштиле 25 отсто повеќе христијани во споредба со 2021 година.
Се истакнува дека покрај Ковид-19 и економските услови, одлучувачка улога во прекинувањето на односите со Црквата одиграл сѐ повеќе растечкиот секуларизам низ Европа.
Католичката црква во Австрија, која има околу 9 милиони жители, брои 4.733.174 члена. Се наведува дека во 2022 година е забележан пад на католичката популација од 1,96 отсто, кога Црквата „ја напуштиле“ 90.808 луѓе.
Наведено е дека бројот на оние кои ја напуштиле Црквата во 2021 година изнесувал 72.222, а обвинувањата за сексуално вознемирување биле пресудни во тој период.
Нагласено е дека продолжува намалувањето на бројот на католиците, најголемата верска група во земјата, а втората по големина група ја сочинуваат луѓе кои не се изјаснуваат за своите верски убедувања. Наведено е и тоа дека бројот на муслимани и православни христијани се зголемил.