Recep Şakar
31 Мај 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
МЕЛБУРН (АА) - Австралија ќе им ги укине пасошите на лицата осудени за сексуална злоупотреба на деца, со цел да ги спречи да го извршат истото дело во странство, јавува Anadolu Agency (AA).
Австралискиот министер за правда, Мајкл Кинан, во својот говор на австралиската собраниската седница, соопшти дека се подготвува нов предлог-закон со цел да се спречи патувањето во странство на Австралијците кои се осудени за сексуална злоупотреба на деца.
Кинан истакна дека во рамките на предлог-законот нема да им се дозволи патување во странство на педофилите од Австралија, со цел да се заштитат децата во странските земји, и пренесе дека ќе им бидат укинати нивните пасоши.
Ова ќе биде најголем удар, како што рече австралискиот министер, за „туризмот за сексуална злоупотреба на децата“. „Ниту една земја нема дејствувано толку одлучно и толку силно за да ги спречи своите државјани кои ќе патуваат во странство, да ги злоупотребуваат незаштитените деца во тие земји“, вели Кинан.
Од друга страна, министерката за надворешни работи, Џули Бишоп, истакна дека овој предлог-закон ќе биде прв предлог-закон од таков вид во светот.
Бишоп пренесе дека педофилите од Австралија продолжуваат со сексуална злоупотреба на незаштитените деца во земјите во развој. „Само минатата година, 800 осудени за злоупотреба на деца од Австралија патувале во прекуокеанските земји“, истакна Бишоп.
- Опозицијата со поддршка за предлог-законот
Лидерот на опозицијата, Бил Шортен, соопшти дека неговата партија ќе ги поддржи мерките за ограничување на патувањата во странство за лицата осудени за злоупотреба на деца.
Се очекува дека овој предлог-закон, кој е поддржан и од страна на некои независни сенатори, ќе биде усвоен.
- 20.000 злоставувачи ќе бидат опфатени од предлог-законот
Кинан истакна дека во случај да биде усвоен овој предлог-закон, 20.000 злоставувачи, чија казна завршила, а сѐ уште се под надзор, ќе бидат опфатени со законот.