Австралија ја брани поканата за израелскиот претседател и покрај зголемениот притисок и критики
Херцог треба да пристигне во Австралија в недела на четиридневна државна посета, во услови на растечко незадоволство и во редовите на Лабуристичката партија поради поканата
ИСТАНБУЛ (АА) – Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг денес ја бранеше поканата упатена до израелскиот претседател Исак Херцог, и покрај зголемениот притисок, критиките и повиците за негово апсење, пренесува Анадолу.
Одговарајќи на барањата за апсење на Херцог, Вонг за Австралиската радиодифузна корпорација (ABC) изјави дека израелскиот претседател е поканет во Австралија со цел да ѝ се даде поддршка на еврејската заедница по терористичкиот напад на плажата Бонди во декември, во кој загинаа 15 лица, а 42 беа повредени.
Херцог треба да пристигне во Австралија в недела на четиридневна државна посета, во услови на растечко незадоволство и во редовите на Лабуристичката партија поради поканата.
Вонг изјави дека Владата побарала правен совет за обврските на Австралија според меѓународното право пред да ја упати поканата.
„Секогаш ги земаме предвид правните совети во врска со нашите меѓународни обврски“, рече таа.
„Би сакала да нагласам дека ние го поканивме“, додаде Вонг.
Таа појасни дека Херцог бил поканет од генералниот гувернер, по барање на премиерот, на иницијатива на заедницата.
Во меѓувреме, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Германија, поради историски причини, има одговорност за постоењето и безбедноста на Израел, но нагласи дека Берлин ја признава надлежноста на меѓународните судови.
Бен Сол, специјален известувач на ОН за човекови права и борба против тероризмот, оцени дека е неразумно Канбера да го покани Херцог, кој, според него, лично е обвинет за поттикнување геноцид, насилство и омраза кон Палестинците.
Во соопштение, Сол потсети дека Меѓународниот суд на правдата утврдил дека Израел ги загрозил можните права на Палестинците да бидат заштитени од геноцид во Газа.
„Неговата посета ќе ја подели, а нема да ја 'излечи' Австралија по нападот во Бонди и ќе ги трауматизира жртвите на израелските злосторства“, додаде тој.
Еврејскиот совет на Австралија исто така се спротивстави на посетата, со пораката „Tој не нè претставува“.
„Одбиваме нашата тага за масакрот во Бонди да се користи за легитимирање лидер кој одиграл активна улога во уништувањето на Газа, вклучително и убиството на десетици илјади Палестинци и раселувањето на милиони луѓе“, се наведува во соопштението.
Познатиот австралиски адвокат за човекови права Крис Сидоти, кој бил комесар во истражната комисија на ОН за окупираните палестински територии, изјави дека Херцог треба да биде уапсен по пристигнувањето во Австралија поради наводното поттикнување геноцид.
Независните пратеници Ендрју Вилки, Софи Скампс и Зали Стегал силно ја критикуваа посетата, оценувајќи дека таа „во никој случај не придонесува за општествена кохезија“.
Во заедничко соопштение тие истакнаа дека, доколку посетата сепак се реализира, таа треба да биде можност Херцог да ја истакне својата посветеност на мир и на соживот меѓу Израелците и Палестинците.
Во објава на американската компанија за социјални медиуми Х, австралискиот активист за човекови права Питер Марфи напиша: „Почитуван австралиски премиеру, не гласавме ционисти да ја водат нашата држава.“
Во меѓувреме, „Гардијан Австралија“ објави дека австралиските универзитети ќе бидат оценувани според тоа како се справуваат со протестите, кампувањата и истакнувањето знамиња, како дел од контроверзен систем за следење на антисемитизмот, усвоен по нападот на плажата Бонди.
