Islam Uddin
04 Август 2022•Ажурирај: 05 Август 2022
Австралиските власти обезбедија стотици илјади дози вакцина против мајмунски сипаници, откако во таа земја беа регистрирани десетици случаи на вирусна болест, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според австралискиот министер за здравство, Марк Батлер, Владата обезбедила 450.000 дози вакцина против мајмунските сипаници.
„Ние сме една од ограничениот број земји кои обезбедија снабдување со вакцини на многу предизвикувачки пазар. Првата пратка од околу 22.000 дози ќе пристигне во Австралија подоцна оваа недела. Останатите ќе пристигнат до крајот на годината и во 2023 година“, напиша Батлер на Твитер.
Австралија досега има пријавено 53 потврдени случаи на болеста.
Светската здравствена организација (СЗО), ја прогласи епидемијата на мајмунски сипаници, која продолжува да се шири низ целиот свет, особено во Европа, за вонредна состојба за јавното здравје од меѓународен интерес (PHEIC).
Мајмунските сипаници се заразна болест предизвикана од вирус сличен на сипаница.
Болеста е идентификувана во 1958 година во колонии на мајмуни користени за истражување. Првиот случај на мајмунски сипаници кај луѓето е забележан во 1970 година во Демократска Република Конго.
Тие се пренесуваат на луѓето преку близок контакт со заразено лице или животно. Може да започнат со треска, зголемени лимфни јазли, болки во грбот и мускулите пред да се појави осип на кожата.
Оваа година, повеќе од 16.000 случаи на мајмунски сипаници беа пријавени во повеќе од 75 земји, а пет смртни случаи беа регистрирани во Африка, каде што е ендемична.