Erbil Başay
04 Август 2022•Ажурирај: 05 Август 2022
Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер изјави дека Туркије е многу корисна во напорите да се стави крај на конфликтот меѓу Русија и Украина, како и во преговорите за извозот на жито, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Москва минатата недела, Шредер даде интервју за магазинот „Штерн“, кое беше објавено денеска.
Нагласувајќи дека Кремљ сака „решение од преговорите“, Шредер рече:
„Постоеше преговарачки пристап во конфликтот меѓу Русија и Украина, како во Истанбул во март. Турците беа од голема помош бидејќи во моментов преговараат за испорака на жито. Договорот за жито е првиот успех. Можеби ова постепено може да се претвори во примирје.“
Истакнувајќи дека двете страни мора да направат отстапки за да се стави крај на војната меѓу Русија и Украина, Шредер додаде:
„Голема грешка е можните отстапки на Украина да се клеветат како мир диктиран од Русија.“
Укажувајќи на напорите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во ова прашање, Шредер рече:
„Мислам дека обидот на турскиот претседател Ердоган да посредува е добар.“
Поранешниот канцелар на Германија нагласи дека не може да се дојде до „решение со преговори“ без поддршка од Американците.
Запрашан зошто не се дистанцирал од рускиот претседател Путин, Шредер рече:
„Ја осудив војната, го знаете тоа. Но дали личното дистанцирање од Владимир Путин некому му користи?“
Коментирајќи го намалувањето на руските испораки на гас во Европа преку гасоводот „Северен тек 1“, Шредер рече:
„Кремљ нема никакви политички изјави за намалување на протокот на гас. Ова е повеќе технички и бирократски проблем на двете страни.“
Тој предложи користење на гасоводот „Северен тек 2“ за да се избегне тешка ситуација со снабдувањето со гас во Германија.
„Ако не сакате да го користите „Северен тек 2“, мора да се соочите со последиците“, рече Шредер.