Islam Uddin
28 Ноември 2024•Ажурирај: 29 Ноември 2024
АНКАРА (АА) - Австралиска пратеничка беше суспендирана пред да предложи измени на законите со кои се уредува гонењето за геноцид во земјата, јавува Анадолу.
Сенаторката Лидија Торп рече дека нејзиното суспендирање од страна на Парламентот е со цел „затворање“ на секоја дебата за геноцид и неправда.
„Не е случајно што оваа Влада избра денес да ме суспендира од Сенатот. Требаше да се расправа за мојот предлог-закон за геноцид“, напиша таа на X.
Торп, поранешната сенаторка на Зелените, ја обвини владејачката Лабуристичка партија дека направила сѐ што може за „да го прекине овој предлог-закон и да ги замолчи оние што говорат за геноцид и неправда“.
Но таа вети дека нема да се молчи.
Досега јавниот обвинител на Австралија има единствено овластување да одлучи дали некој може или не да се земе на одговорност за такви злосторства во земјата.
Тоа добива на значење поради случајот против Израел за геноцид во Газа.
За Еј-би-си њуз сенаторката Торп рече дека е казнета и затоа што зборувала отворено против расизмот во земјата.
Вчера сенаторката Фатима Пејман, исто така, ја обвини сенаторката Паулин Хансон дека е „расист“ и ја нарече „срам за човечката раса“.
Пејман ја доби поддршката од сенаторката Торп, која е од домородното австралиско население, која скина документи и го напушти Сенатот во знак на протест поради изјавите на Хансон.
Расправијата започна откако Хансон презентираше документи во Парламентот за подобноста на Пејман да седи во салата поради нејзиното двојно државјанство.