Ekipa
28 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
ИДЛИБ (АА) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ/ЕШРЕФ МУСА -
Anadolu Agency (AA) стигна до очевидците на операцијата во Идлиб каде што беше убиен водачот на терористичката организација ДЕАШ, Ебу Бекр ал Багдади.
Американските сили од хеликоптер се спуштија во селото Бариша, северозападно од Идлиб, каде што се наоѓаше водачот на терористичката организација, а потоа се случи судир.
Халид Неџар, еден од очевидците на операцијата за дописникот на АА изјави дека околу 23:00 по локално време пристигнале хеликоптерите.

„Најпрвин од копно се гаѓаше врз хеликоптерите. Подоцна еден од хеликоптерите го бомбардираше местото. Видовме дека од два хеликоптера се спуштија војници, а неколку хеликоптери летаа врз војниците.“
Истакнувајќи дека од страв се сокрил под скалилата, Неџар рече: „Оние што се спуштија од хеликоптерот, разговараа со едно лице кое се наоѓаше во близина на куќата, потоа слушнавме дека му рекоа да се оддалечи од местото. Слушнавме експлозии кои го потресоа селото. По експлозиите на цивилното лице со кое разговараа му рекоа ’Можеш да се вратиш назад‘. Мртвите тела беа изгорени, нивните лица не се препознаваа.“
„По половина час се зголеми раздвиженоста“, посведочи Неџар. „Од една страна се пукаше од копно кон хеликоптерите, а исто така и од хеликоптерите се пукаше долу. Таа престрелка траеше до 03:30 часот. Пред куќата [каде што беше спроведена операцијата] имаше мртви тела на жени и деца. Некои од повредените цивили беа пренесени со возилата на првата помош.“
- „Светлосен сигнал од земја за да се бомбардира местото“ -
Ахмед Мухамед, друг сведок на операцијата, исто така рече дека слушнале звук на хеликоптер во близина на селото Бариша, во 23:00 часот по локално време.

„[Првата операција] траеше околу 2-2,5 часа. Потоа не слушнавме звуци на хеликоптер. Дојде авион за извидување. Пет минути подоцна почнаа да се слушаат силни експлозии. Најпрвин се слушнаа две експлозии, потоа уште две. Даден беше светлосен сигнал од земја за да се бомбардира тоа место“, нагласи Мухамед.
Наведувајќи дека експлозиите биле многу силни, Мухамед истакна: „Прозорците на куќите оддалечени два километра од местото беа скршени. И вратите беа искорнати од своето место. Стигнавме на местото. Куќите беа срамнети со земја. Во земјата имаше мртви тела и делови од мртви тела.“
Операцијата во која е убиен водачот на ДЕАШ, Ебу Бекр ал Багдади, изведена е во Идлиб задсиноќа по полноќ. Осум хеликоптери на САД и две беспилотни летала 1,5 час под интензивен оган го држеле местото во близина на селото Бариша. По операцијата хеликоптерите се оддалечиле од местото на настанот.
Во врска со операцијата, турското Министерство за одбрана издаде соопштение во кое се вели дека пред операцијата на американската сили во Идлиб, извршена е размена на информации и спроведена е координација меѓу воените органи на двете земји.
Американскиот претседател Доналд Трамп, вчера од Белата куќа потврди дека водачот на ДЕАШ е убиен во операција изведена во Сирија.