Dildar Baykan
03 Март 2017•Ажурирај: 04 Март 2017
ЈАНГОН (АА) – Организациите за човекови права упатија апел до Советот за човекови права при Обединетите нации (ОН) да отвори истрага во врска со насилните судири во мјанмарската провинција Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Тринаесет регионални и меѓународни организации за човекови права испратија отворено писмо до постојаните претставници на државите-членки и набљудувачи во Советот за човекови права при ОН.
Групите ги поддржаа високиот комесар Зејд Раад ел Хусеин и специјалниот известувач за човекови права при ОН, Јанги Ли, кои на 34. седница на Советот за човекови права при ОН, упатија повикот за отворање на независна истрага во врска со прекршувањата на човековите права во покраината Аракан.
Во писмото се наведува дека владата на Мјанмар не ги води истрагите објективно и оти истрагите не ја прикажуваат ситуацијата веродостојно.
Во меѓувреме, директорот за Азија при Организацијата за набљудување на човековите права, Фил Робертсон, во електронско писмо за АА напиша: „Доста беше, сега е време за акција“.
Робертсон понатаму вели: „Додека безбедносните сили на Мјанмар ги изложуваат араканските муслимани на насилство, систематска дискриминација, и го спречуваат нивниот пристап до основните потреби, меѓународната заедница веќе долго време е само набљудувач“.
Тој исто така напоменува дека ОН и државите-членки треба да застанат против системот, кој ја потхранува незаштитеноста на араканското муслиманско малцинство.
На 9. октомври 2016 беа организирани напади врз пограничните полициски станици во Аракан, при што загинаа 29 лица, од кои 13 припадници на безбедносните сили. Во врска со овие напади беа приведени 600 лица. По нападите, армијата на Мјанмар започна безбедносни операции во регионот.
Солидарните групи на араканските муслимани изјавија дека од почетокот на операциите, досега загинале околу 400 аракански муслимани, голем број жени се силувани, а нивните села се палени. Таунг Тун, советник за национална безбедност и Аунг Сан Су Чи, министер за надворешни работи на Мјанмар, министер одговорен за државното претседателство, минатата недела изјавија дека операциите се запрени бидејќи е воспоставена стабилност во Аракан.