Elena Trenchevska Chekovikj
13 Март 2025•Ажурирај: 14 Март 2025
СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денес го реафирмира членството на земјата во Европската Унија како стратешка цел, и посочи дека земјата не отстапува ниту од стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Анадолу.
Сиљановска-Давкова имаше свое обраќање на 12. Глобален форум во Баку, на сесијата насловена: „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус“.
Таа во обраќањето повика на суштински реформи коишто ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни и поефективни во исполнувањето на Повелбата на Обединетите нации (ОН), но нагласувајќи дека иако се застарени, ОН се единствената организација којашто има потенцијал за решавање на проблемите.
„Советот за безбедност треба да се прошири, да се реформира и да се демократизира за биде поотчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедноста. Генералното собрание треба да го заземе своето вистинско место на главен претставнички орган не само за дебата, туку и за креирање политики. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата мора да станат обврзувачки за сите. Само така Обединетите нации ќе можат да одговорат на сегашните геополитички, економски, еколошки, климатски, технолошки и демографски предизвици“, истакна Сиљановска-Давкова.
Посочи дека Пактот за иднината е еден вид глобален општествен договор којшто треба да го зајакне мултилатералниот систем со Обединетите нации во нивното јадро, за чиј успех и опстанок во новите геополитички околности, и неговата референтна точка за обнова на Обединетите нации зависи од тоа „дали државите ќе ги одржат преземените обврски, и второ, дали ќе ги напуштат двојните стандарди.“
Претседателката нагласи дека она што Обединетите нации се за светот, Европската Унија е за Европа, еден мултилатерален проект со врвна цел мир на континентот што, како што нагласи, го постигнува преку политиката на проширување со нови земји членки коишто ги исполнуваат копенхагенските критериуми.
„Како мала држава, ние не отстапуваме од нашата стратешка цел – членство во Европската Унија... Не отстапуваме ниту од нашето стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави бидејќи, и покрај тековните превирања, веруваме во важноста од ефективен трансатлантизам, базиран на меѓународни правила и принципи“, порача претседателката Сиљановска-Давкова.