Kasım İleri
02 Декември 2022•Ажурирај: 02 Декември 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Во студија спроведена во Соединетите Американски Држави (САД) се дојде до податокот дека довербата во Армијата е под 50 отсто, а 62 отсто од испитаниците изјавиле дека причина за тоа е зголемената политизација на Командата на Армијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во анкетата спроведена од страна на Фондацијата „Роналд Реган“ со седиште во Калифорнија, на виделина излезе фактот дека недовербата на американскиот народ кон Армијата во последните години продолжува.
Истражувањето на јавното мислење спроведено од Фондацијата во ноември во различни сојузни американски држави покажа дека 48 проценти од американскиот народ ѝ верува на Армијата.
Во студијата се наведува дека довербата, која во 2018 година изнесувала околу 70 отсто, во последните четири години паднала на под 50 отсто, при што анкетираните лица биле прашани и за причините за тоа.
Во своите одговори 62 отсто од испитаниците изјавиле дека „военото командно ниво е многу политизирано“, при што тие сметаат дека одлуките донесени од цивилната администрација, особено по прашањето за повлекувањето од Авганистан, ја намалиле довербата во Армијата.
На прашањето дали сакаат или не да ѝ се приклучат на Армијата, 54 отсто од анкетираните одговориле „Во никој случај не сакам да се приклучам“ или „Не сум волен да се приклучам“. На прашањето дали сакаат да продолжи поддршката на помошта на САД за Украина, 57 отсто од испитаниците одговориле дека сакаат.
Во студијата, 73 отсто од Демократите и 51 отсто од Републиканците одговориле дека го поддржуваат продолжувањето на помошта за Украина.
Во студијата во која е забележано дека 60 отсто од анкетираните имаат доверба во НАТО, 72 отсто од учесниците се за воена интервенција доколку некој од НАТО-сојузниците би бил нападнат од страна на Русија.
Во извештајот се наведува дека 54 отсто од анкетираните сметаат дека САД немаат јасна стратегија за Кина, а 71 отсто сметаат дека Руско-украинската војна ќе ја инспирира Кина да го окупира Тајван.