Nur Asena Ertürk
10 Јануари 2025•Ажурирај: 11 Јануари 2025
АНКАРА (АА) – Глобалната граница за затоплување од 1,5 Целзиусови степени, поставена од земјите низ светот, е надмината во 2024 година, која е прогласена за најтопла година досега, според извештајот на Службата за климатски промени на Европската Унија, „Коперник“ (C3S), јавува Анадолу.
„Во 2024 година глобалната просечна температура изнесуваше 15,10 Целзиусови степени,“ се вели во извештајот објавен денес.
Во извештајот се истакнува: „2024 година беше за 0,72 Целзиусови степени потопла од просекот за периодот од 1991 до 2020 година и за 1,60 Целзиусови степени потопла од прединдустриското ниво, што ја прави прва календарска година што ја надмина границата од 1,5 степени.“
За споредба, глобалната просечна температура во 2023 година изнесуваше 14,98 Целзиусови степени, што ја правеше најтопла година од 1850 година.
Оваа граница е од големо значење бидејќи во 2015 година, со Парискиот договор, владите се обврзаа да спречат глобалната температура да го надмине прагот од 1,5 Целзиусови степени над прединдустриското ниво.
Сепак, во извештајот на C3S се објаснува дека ова не мора да биде толку критично како што изгледа:
„Една или две години што ја надминуваат границата од 1,5 Целзиусови степени над прединдустриското ниво не значи дека Парискиот договор е прекршен. Сепак, со сегашната стапка на затоплување од повеќе од 0,2 Целзиусови степени по деценија, многу е голема веројатноста границата од 1,5 Целзиусови степени да биде надмината по 2030 година.“
Дополнително, во извештајот се посочува дека во 2024 година, како и во 2023 година, „тропските области и северните средни географски ширини најмногу придонеле за рекордните глобални температурни аномалии.“
- Состојбата во Европа -
„Досега 2024 година е најтопла година во Европа, со просечна температура од 10,69 Целзиусови степени, што е за 1,47 Целзиусови степени над просекот за референтниот период од 1991 до 2020 година и за 2,92 Целзиусови степени над прединдустриското ниво“, според извештајот.
„Сите четири годишни времиња во Европа беа потопли од просекот,“ истакна C3S, што не е изненадување со оглед на сè поголемиот недостиг на врнежи во зимските месеци и посувите и потоплите лета на континентот.