свет

Шпанскиот премиер Санчез: Ставот на Шпанија против војната е вкоренет во принципи, а не во политика

„Кога рековме ‘не за војна’, се појави бран на гордост што сме Шпанци не само во нашата земја туку и меѓу многу општества низ светот“

Beyza Binnur Dönmez  | 11.03.2026 - Обновена : 11.03.2026
 Шпанскиот премиер Санчез: Ставот на Шпанија против војната е вкоренет во принципи, а не во политика

ЖЕНЕВА (АА) - Шпанскиот премиер Педро Санчез ја бранеше одлуката на Мадрид да се спротивстави на војната поврзана со Иран, истакнувајќи дека ставот „не за војна“ се темели врз принципи и почитување на меѓународното право, а не врз политички калкулации, пренесува Анадолу.

Во интервјуто објавено денес во шпанскиот весник „Ел Дијарио“, Санчез рече дека ставот на Шпанија претставува дел од доследната надворешна политика на земјата и дека наишла на поддршка и надвор од нејзините граници.

„Кога рековме ‘не за војна’, се појави бран на гордост што сме Шпанци не само во нашата земја туку и меѓу многу општества низ светот“, рече тој.

Шпанскиот премиер ги отфрли критиките на опозициските партии, кои ја обвинуваат Владата дека зазема изборен став во однос на конфликтот.

„Оваа војна не беше предизвикана од Шпанија. Тоа е војна што еднострано ја поттикнаа две држави“, изјави Санчез.

„Нема да ја решиме нестабилноста на Блискиот Исток со толку флагрантна незаконитост“, додаде тој.

Исто така, тој ја отфрли загриженоста дека САД би можеле да преземат одмазднички мерки поради одбивањето на Шпанија да го поддржи конфликтот.

„Да се биде сојузник на САД не значи да се каже ‘да’ на сè“, нагласи Санчез, додавајќи дека почитувањето на меѓународното право е водечки принцип во ставовите на Шпанија и во други конфликти, како оние во Украина и Газа.

Санчез истакна и дека Европа треба да продолжи да го брани меѓународниот поредок заснован врз правила.

„Светот се менува, но вредностите и принципите на Европската Унија не треба да се менуваат“, рече тој.

Шпанскиот премиер повика и на реформи во системот на ОН, вклучително и укинување на правото на вето во Советот за безбедност на ОН со цел ова тело да стане порепрезентативно.

„Мора да се стави крај на правото на вето во ОН“, изјави Санчез.

Тој додаде дека е „љубопитно“ тоа што Русија и САД и понатаму се постојани членки на Советот за безбедност, иако, според него, двете држави придонесуваат за глобалната нестабилност преку војните во Украина и Иран.

Според Санчез, идните реформи треба да овозможат поголема застапеност на важни глобални актери, вклучително и Индија, африканските држави, Кина и Бразил, со цел системот на ОН да стане порепрезентативен.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.