Шпански воен брод исплови за поддршка на хуманитарната флотила за Газа
Потегот на Мадрид следуваше по одлуката на Италија да прати фрегата за да ги заштити своите државјани што учествуваат во мисијата за помош, во која има околу 50 бродови од земји како Италија, Грција и Тунис

БРИСЕЛ (АА) - Воен брод на шпанската морнарица исплови рано утринава од пристаништето Картагена за да обезбеди поддршка за хуманитарната флотила, која се упатува кон Газа, по неодамнешните напади со дронови врз бродовите, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Според „Ел Паис“, бродот за поморска акција „Фурор“, со екипаж од 46 члена, 10 маринци и медицински тим на бродот, отплови кон Источен Медитеран откако доби наредби од Министерството за одбрана.
На мисијата ѝ се придружија и правен советник и разузнавачки службеници.
Потегот на Мадрид следуваше по одлуката на Италија да прати фрегата за да ги заштити своите државјани што учествуваат во мисијата за помош, во која има околу 50 бродови од земји како Италија, Грција и Тунис.
Извори од одбраната велат дека „Фурор“ ќе остане во радарски опсег, помеѓу 12 и 24 наутички милји од флотилата, но нагласија дека нема директно да ги придружува бродовите за да се избегнат политички импликации.
Улогата на бродот ќе биде ограничена на обезбедување помош доколку е потребно.
Министерството за одбрана моментно изготвува правила за ангажман за да го дефинира опсегот на мисијата на „Фурор“. Се очекува тие да бидат многу рестриктивни, особено во однос на употребата на оружје, изјавија извори од шпанската морнарица.
Се очекува бродот да стигне до зоната на операции во близина на Крит помеѓу сабота навечер и недела рано наутро.
Глобалната флотила „Сумуд“, составена од околу 50 бродови, исплови претходно овој месец, со намера да ја пробие израелската блокада и да достави хуманитарна помош, особено медицински материјали, во Газа, каде што 2,4 милиони Палестинци се под опсада веќе 18 години.
Шпанскиот премиер Педро Санчез во средата објави дека ќе прати воен брод како поддршка на флотилата.
Истражителите на ОН неодамна заклучија дека Израел врши геноцид во Газа, каде што од октомври 2023 година се убиени над 65.400 луѓе.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.