свет

Шпанија ги осуди израелските напади врз густо населените области во Бејрут

Шпанија ја повтори поддршката на напорите на властите на Либан за воспоставување ексклузивна контрола врз употребата на сила...

Necva Taştan Sevinç  | 13.03.2026 - Обновена : 13.03.2026
 Шпанија ги осуди израелските напади врз густо населените области во Бејрут

ИСТАНБУЛ (АА) – Шпанија ги осуди израелските напади врз Либан, особено врз густо населените подрачја во Бејрут, укажувајќи дека нападите предизвикале многубројни цивилни жртви и претставуваат ризик за натамошни ескалации на конфликтот, јавува Анадолу.

„Шпанија ги осудува интензивните напади на Израел врз Либан, особено дејствата врз густо населените области во престолнината Бејрут, во кои има голем број жртви меѓу цивилното население“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Шпанија објавено доцна синоќа.

Шпанската Влада изјави дека е длабоко загрижена поради наглото влошување на ситуацијата во Либан. Исто така, упати осуда за „неселективните напади” на Хезболах врз Израел, предупредувајќи дека таквите дејства би можеле да предизвикаат нов бран насилства и страдања.

Шпанија ја повтори поддршката на напорите на властите на Либан за воспоставување ексклузивна контрола врз употребата на сила и ги повика сите страни да избегнуваат чекори што би можеле да го интензивираат конфликтот.

Владата на Шпанија најостро ја осуди наредбата на израелската војска за евакуација на цивилите од областите јужно од реката Захрани, опишувајќи ја како „незаконска и неоправдана“ и нарекувајќи ја „целосно непропорционална и спротивна на меѓународното право“. Мадрид повика на целосно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан, истовремено нагласувајќи ја неопходноста да се спречи натамошно страдање на цивилното население.

Во контекст на влошувањето на хуманитарната ситуација, Шпанија најави нов пакет финансиска помош во висина од 9 милиони евра за поддршка на либанското население и како помош во справувањето со растечката бегалска криза. Владата, исто така, ги повика сите страни да ја осигурат безбедноста на мировниците на ОН стационирани во земјата.

На 2 март, Хезболах, група сојузник на Иран започна со напади врз израелските воени локации како одговор на повторените израелски напади врз Либан и убиството на тогашниот врховен лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во заедничкиот американско-израелски напад.

Израел возврати со започнување воена кампања врз Либан, извршувајќи воздушни напади врз јужните предградија во Бејрут и области во јужниот и источниот дел на земјата, а на 3 март започна ограничена копнена инвазија во Јужен Либан.

Според министерот за здравство на Либан, Ракан Насер ел-Дин, во нападите загинале 687 лица, меѓу кои 98 деца, а 1.774 се повредени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.