Murat Ünlü
06 Април 2017•Ажурирај: 06 Април 2017
ПАРИЗ (АА) – Седумдесет проценти од француското избирачко тело смета дека претседателот на Франција чијшто мандат истекува, Франсоа Оланд е лош претседател, јавува Anadolu Agency (AA).
Компанијата за истражување „Одокса“ спроведе анкета во врска со мислењето на француските гласачи за претседателот Оланд, чиј мандат истекува годинава и кој одлучи да не се кандидира на претстојните претседателски избори.
Во истражувањето во кое се зема предвид која партија би била поддржана со повеќе од 1.000 испитаници со право на глас, 70% од испитаниците го окарактеризираа Оланд како лош претседател.
Најголемата поддршка за Оланд, со 43 проценти, доаѓа од членовите на неговата Социјалистичка партија, додека генерално гледано, на 54 проценти од избирачите најмногу им се допаѓаат неговите политики во врска со борбата против тероризмот.
Покрај терористичките напади, Оланд во текот на својот мандат имаше проблеми и околу протестите против Законот за работните односи, а 83 проценти од испитаниците ги оцениле негативно неговите економско-социјални политики.
Поради малата јавна поддршка, Оланд не се кандидира на претседателските избори, а пак премиерот Мануел Валс беше елиминиран на предизборите во Социјалистичката партија, со што не успеа да стане кандидат од таа партија.
Според последните истражувања на јавното мислење, кандидатот на Социјалистичката партија, Беноа Амон би освоил 10 проценти од гласовите.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 23. април. Доколку ниту еден од кандидатите не добие над 50 проценти од гласовите, на 7. мај ќе се одржи вториот круг од изборите.
Според јавните анкети, поранешниот министер за економија од Социјалистичката партија и основач на новоформираната „Ен Марш“ (Марш), Емануел Макрон, и претставничката на екстремната десница, лидерка на Партијата на народниот фронт, Марин Ле Пен, би освоиле приближно ист број гласови.