Talha Yavuz
16 Август 2021•Ажурирај: 17 Август 2021
КИЕВ (АА) - Заменик-министерката за надворешни работи на Украина, Емине Џепар, истакна дека Турција е еден од најактивните поддржувачи на прашањето за Крим на меѓународната сцена и ја нагласи надежта дека со Платформата за Крим ќе ги зајакнат меѓународните напори за ослободување на Полуостровот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џепар за АА даде изјава во врска со Самитот на Кримската платформа, што ќе се одржи на 23 август.
Посочувајќи дека Кримската платформа е нова алатка за координирање на меѓународните напори насочени кон обезбедување на територијалниот интегритет на Украина, Џепар рече дека Украина има за цел со Платформата да го врати прашањето на Крим на светската агенда.
„Окупацијата на Крим останува сјаен пример за раната на Украина и кревкоста на светскиот безбедносен систем. Овој невиден меѓународен безбедносен проблем бара интензивни национални и меѓународни напори и механизми за негово решавање“, нагласи Џепар.
Истакнувајќи дека е успех што Самитот ќе се одржи на иницијатива на Украина, таа рече: „Приоритет на Платформата ќе биде развивање политика за непризнавање на анексијата на Крим, зајакнување на ефектот од санкциите, заштита на човековите права и слободи во привремено окупираниот Крим и ограничување на милитаризацијата на Полуостровот.“
- Платформата ќе го забрза прашањето за Крим -
Наведувајќи дека очекуваат политичкиот дел од Платформата да се одржува на секои 2-3 години со цел да се оценат резултатите од активностите и да се одредат идните цели, Џепар рече: „Самитот ќе биде само почеток на суштинските работи. Во рамките на Самитот се очекува да биде усвоена заедничка изјава со која ќе се официјализираат договорените точки.“
Таа посочи дека Платформата нема за цел да ја замени задачата што ја извршуваат меѓународните организации, и додаде: „Сепак, се надеваме дека раководството и координацијата што треба да се формираат со Платформата ќе ги зајакнат меѓународните напори и синергијата, ќе ја забрзаат работата во значајните области за ослободување на Крим, и како резултат на тоа, Крим ќе биде ослободен од окупацијата.“
- „Турција е еден од најактивните поддржувачи на прашањето за Крим на меѓународната арена“ -
„Досега 40 странски делегации го потврдија своето учество и се надеваме дека оваа бројка ќе се зголеми до Самитот. Важно е да има учество и од други региони, не само од евроатлантскиот регион“, рече Џепар.
Истакнувајќи дека на Платформата ќе присуствуваат претседателот на Полска, Анджеј Дуда, претседателката на Естонија, Керсти Каљулаид, и претседателот на Советот на Европската Унија (ЕУ), Шарл Мишел, Џепар рече дека очекуваат високо ниво на учество од САД и земјите членки на НАТО.
Таа соопшти дека очекуваат високо ниво на учество од Турција. „Турција е еден од најактивните поддржувачи на прашањето за Крим на меѓународната арена и се надеваме дека ќе учествува во други работни групи и проекти од Кримската платформа.“