Kerem Kocalar
06 Февруари 2018•Ажурирај: 07 Февруари 2018
КИЛИС/АЗАЗ (АА) - Терористичката организација ПЈД/ПКК уште еднаш го покажа своето грдо лице, уривајќи ги соништата на семејството Тавил кое живее во Азаз, пишува Anadolu Agency (AA).
Вчера во градот Азаз, кој се наоѓа во подрачјето на Алепо, терористичката организација ги сврте минофрлачите кон цивилите и објектите како што се: џамии, болници и училишта, изведувајќи минофрлачки напад во кој дел од гранатите го погодија семејството Тавил коешто одело да работи на поле. Во нападот загина едно дете, а 5-мина се ранети.
За време на училишниот распуст, семејството Тавил работело на поле за надница во руралните делови на Азаз, но станале цел на нападите од терористите, без разлика на фактот дали станува збор за деца што се наоѓаат на почетокот од својот живот.
Семејството чиј најстар син загина на фронтот во рамките на операцијата „Маслинова гранка“, тагува и по загубата на својот 10-годишен син Абил кој вчера беше убиен од гранатата што го погоди семејството додека оделе кон полето каде што работеле за надница.
Останатите деца од семејството Тавил, Ахмет (4), Суреја (2), Шејма (13) и нивниот чичко кој го управувал тракторот се потешко повредени во нападот. Дел од повредените се префрлени на лекување во болницата во Азаз, додека 13-годишната Шејма е префрлена на лекување во турскиот град Килис.

- „Пукаат во секој што ќе излезе пред нив“ -
Шејма во државната болница во Килис ја придружува нејзиниот постар брат Амер Тавил, кој на новинарот на АА, со болка во душата, му го раскажа преживеаното.
Со солзи во очите, Тавил, кој сѐ уште го нема надминато шокот од настанот, рече дека вчера околу пладне неговите браќа и сестри излегле од својот дом и тргнале да работат на поле.
Тој наведе дека подоцна ја добиле тажната вест дека граната на терористичката организација го убила неговиот брат, додека останатите членови од семејството се борат за живот. Тавил продолжи со зборовите:
„Пукаат во секој што ќе излезе пред нив, воопшто не е важно за кого станува збор. Тие се сѐ уште мали, што сакаа од нив? Впрочем, за нив тоа воопшто не е важно. Пукаат во луѓе, а моето семејство не е вооружено. Тие заминаа само да работат на поле. Брат ми почина, останатите се ранети. Тие се многу мали, во цутот на својот живот.“