Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
11 Септември 2025•Ажурирај: 12 Септември 2025
ХАМИЛТОН (АА) - Членовите на Советот за безбедност на ОН во четврток го осудија израелскиот напад врз Катар и ги повикаа сите страни да „ја искористат можноста за мир“, притоа не споменувајќи го Израел, известува Анадолу.
„Членовите на Советот за безбедност ја изразија својата осуда на неодамнешните напади врз Доха, територија на клучен посредник, на 9 септември“, се вели во соопштението на членовите на Советот, во кое се изразува „длабоко жалење за загубата на цивилни животи“.
„Членовите на Советот ја нагласија важноста на деескалацијата и ја изразија својата солидарност со Катар“, се додава во соопштението.
Нагласувајќи ја поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на Катар, во соопштението се вели: „Членовите на Советот ја повторија својата поддршка за виталната улога што Катар продолжува да ја игра во напорите за посредување во регионот, заедно со Египет и САД.“
Во соопштението се нагласува потребата од ослободување на сите заложници во Појасот Газа и прекинување на страдањето во енклавата како „врвен приоритет“ за агендата на Советот.
„Во тој поглед, тие ја повторија важноста на тековните дипломатски напори на Катар, Египет и САД и ги повикаа страните да ја искористат можноста за мир“, се додава во соопштението.
Израелските воени авиони извршија воздушен напад насочен кон раководството на Хамас во главниот град на Катар во вторник. Пет члена на Хамас и еден припадник на катарскиот безбедносен персонал беа убиени во нападот.