Rania R.a. Abushamala
11 Септември 2025•Ажурирај: 12 Септември 2025
ГАЗА (АА) - Израелската армија денес продолжи со смртоносните напади врз станбените подрачја низ Појасот Газа, убивајќи најмалку 23 лица, меѓу кои и деца, а голем број се повредени, соопштија медицински лица, известува Анадолу.
Во областа Зиким, северозападно од Појасот Газа, убиени се петмина Палестинци додека чекале помош.
Тројца се убиени во воздушен напад врз цивилен собир во населбата Ал-Римал во центарот на градот Газа.
Во бегалскиот камп Шати, во западниот дел на градот Газа, израелските сили убија тројца Палестинци и повредија неколкумина во воздушен напад врз шатори во кои биле сместени раселени семејства.
Во Вади Газа е убиен еден Палестинец, а 23 се повредени кога израелските сили гранатирале толпа луѓе што чекале помош.
Двајца Палестинци се убиени во друг израелски напад врз бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа.
Во градот Газа е убиена една жена, а неколкумина се повредени додека израелските хеликоптери ги интензивираа нападите од утринските часови, насочувајќи се кон шаторите во централната област Јармук, информираа медицински извори за Анадолу.
Според државната новинска агенција Вафа, во израелските напади врз ова подрачје е убиено и едно дете.
Израелската армија гранатираше цивилен собир во населбата Шеџаја во источна Газа. Во овој напад е убиена една жена, а повредени се неколкумина Палестинци.
Израелските воени авиони извршија серија напади на улицата Ал-Нафак, која се протега од централна Газа до североисточните подрачја, што се совпадна со тешкото артилериско гранатирање на населбата Шеик Радван.
Во централна Газа е убиено едно палестинско дете од израелски оган врз куќите во бегалскиот камп Бурејџ.
Израелски беспилотни летала нападнаа куќа во Деир ал-Балах. Во нападот повредени се неколкумина Палестинци.
Израелските сили приведоа неколку палестински рибари покрај брегот на Газа и ги разнесоа нивните чамци, информираше Канцеларијата за медиуми на затворениците.
Двајца Палестинци кои барале хуманитарна помош се убиени од истрели на израелската армија во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа.
Во Кан Јунис израелската армија пукала врз цивили, при што убила најмалку едно лице.
По израелскиот напад тимовите за цивилна заштита пронашле тела на двајца Палестинци источно од градот.
Израелската армија продолжи со својата брутална офанзива врз Појасот Газа, убивајќи повеќе од 64.700 Палестинци од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со обвинение за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.