Selen Valente Rasquinho
12 Февруари 2024•Ажурирај: 14 Февруари 2024
БРИСЕЛ (АА) - Белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез, денес изјави дека ситуацијата во Рафа, на југот од Појасот Газа, каде Израел планира копнена инвазија, е „многу опасна“, инсистирајќи на продолжување на поддршката за палестинските цивили, пренесува Анадолу.
„Ќе зборуваме за УНРВА и ситуацијата во Газа. Ја живееме најстрашната хуманитарна криза во последните години. Повеќе од 1,2 милиони луѓе се заглавени на границата со Рафа. Ситуацијата е многу, многу опасна“, рече Генез пред неформалниот состанок на министрите на Европската Унија кои се надлежни за развој.
Таа додаде дека непријателствата мора да завршат и дека Палестинците и Израелците имаат право да живеат во мир и безбедност.
„Затоа е важно да продолжиме да ги поддржуваме невините цивили. Да бараме итен прекин на огнот, да бараме ослободување на заложниците и да бараме поголем хуманитарен пристап“, рече Генез.
Иако поминаа две недели откако Меѓународниот суд на правдата (МСП) издаде привремени мерки за забрана против Израел во случајот за геноцид што го започна Јужноафриканската Република, Израел продолжува да ги оспорува одлуките на судот, од дозволување хуманитарна помош до убивање цивили.
Во нападите на израелските сили врз Појасот Газа загинаа 28.340 лица, а 67.984 беа ранети. Воената кампања, исто така, доведе до масовно раселување, уништување и недостиг на храна, вода и засолниште.
И покрај противењето на меѓународната заедница, Израел планира копнена инвазија на Рафа.
Израел тврди дека 1.200 луѓе биле убиени во нападите на Хамас на 7 октомври минатата година, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.