Esra Tekin
12 Февруари 2024•Ажурирај: 13 Февруари 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Туркије е многу загрижена поради сѐ поинтензивните напади на Израел врз Рафа, по сите претходни масакри и уништувања во Појасот Газа, објави денес турското Министерство за надворешни работи, јавува Анадолу.
„Многу сме загрижени поради сè поинтензивните напади на Израел врз јужниот град Рафа, по сите претходни масакри и уништувања што Израел веќе ги изврши во Појасот Газа“, се вели во соопштението на Министерството, додавајќи:
„Сметаме дека оваа операција е дел од планот за протерување на луѓето од Газа од нивната земја.“
Се истакнува дека континуираните напади ќе ја влошат хуманитарната криза во Газа и ќе ги попречат напорите за постигнување долгорочен прекин на огнот во регионот.
„Ја повикуваме меѓународната заедница, предводена од Советот за безбедност на Обединетите нации, да ги преземе неопходните чекори за да го запре Израел“, се вели во соопштението.
По обвинението за геноцид поднесено од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари донесе одлука дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убиства, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да го спречи геноцидот.
Меѓутоа, израелските сили продолжуваат да вршат напади во кои од 7 октомври досега загинаа најмалку 28.340 Палестинци, главно жени и деца, а беа ранети 67.984.