Lina Altawell
26 Февруари 2026•Ажурирај: 27 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Сириските безбедносни сили денес започнаа операција за да се обезбеди враќање на притворените лица што ги држат нелегалните групи во покраината Сувејда, во Јужна Сирија, објавија медиумите, јавува Анадолу.
Државната телевизија Ал-Ихбарија објави дека силите за внатрешна безбедност, во соработка со воената полиција, обезбедиле пристигнување на 61 притворено лице од Сувејда на контролниот пункт Матунe во северниот дел на покраината, подготвувајќи се за размена на притвореници.
Телевизијата наведе дека автобусите со 61 лице, кои биле притворени од сириската Влада, тргнале кон местото на предавање од покраината.
Според овој извор, 25 лица што ги држат вооружените групи во Сувејда треба да пристигнат на преминот Матунe во северниот дел на покраината.
Подоцна беше објавено дека автобусот со лицата што претходно биле задржани во Сувејда пристигнал на преминот како дел од процесот на размена.
Размената ќе се одвива со посредство на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) и во присуство на претставници на покраината Сувејда и официјални лица од Министерството за внатрешни работи, додаде телевизијата.
Пријавено е засилено присуство на силите за внатрешна безбедност и воената полиција по должината на автопатот Дамаск-Сувејда, со цел обезбедување на процесот на размена.
Во Сувејда е воспоставен прекин на огнот од јули 2025 година, по вооружените судири меѓу бедуинските племиња и друзиските групи, во кои загинаа и беа повредени стотици лица.
Сепак, групите поврзани со Хикмат ал-Хиџри, еден од друзиските верски лидери во покраината, повеќепати го прекршиле примирјето и извршиле напади врз воени позиции и покрај заложбите на Владата за почитување на договорот, олеснување на евакуациите за оние што сакаат да заминат и овозможување влез на хуманитарна помош.
По падот на режимот на Башар ал-Асад на 8 декември 2024 година, властите во Дамаск настојуваат да воспостават безбедност низ целата земја, додека одредени групи продолжуваат да предизвикуваат немири и да носат оружје. Владата нагласи дека е решена да воспостави целосна контрола врз територијата на државата.