Beyza Binnur Dönmez
03 Февруари 2026•Ажурирај: 05 Февруари 2026
ЖЕНЕВА (АА) – Светската здравствена организација (СЗО) денес упати барање за една милијарда долари за да може да одговори на најтешките вонредни здравствени кризи во светот во 2026 година, предупредувајќи дека веќе намалениот фонд принуди илјадници установи да се затворат и остави милиони луѓе без пристап до здравствени услуги, јавува Анадолу.
„Една четвртина милијарда луѓе преживуваат хуманитарни кризи што ги лишуваат од најосновните заштитни фактори: безбедност, засолниште и пристап до здравствена нега“, изјави Чикве Ихеквеазу, извршен директор на Програмата за вонредни здравствени состојби при СЗО, на прес-конференцијата во Женева.
Тој истакна дека здравствените потреби се зголемуваат, без разлика дали станува збор за повреди, епидемии, неисхранетост или нетретирани хронични болести, а пристапот до здравствени услуги се намалува.
Ихеквеазу изјави дека со финансиите се има за цел да се опфатат 36 кризни подрачја, вклучително Газа и Блискиот Исток, Судан, Украина, Демократска Република Конго, Хаити и Мјанмар.
„И онака 2025 беше исклучително тешка година”, изјави тој и додаде дека „намалените финансии на глобално ниво принудија 6.700 здравствени установи во 22 средини да затворат или да ги намалат своите услуги, а тоа остави 53 милиони лица без здравствена нега.”
Семејствата се соочуваат со „тешки одлуки, дали да купат храна или лекови”, изјави извршниот директор. „Населението никогаш не би требало да биде принудено на ваков избор.”
Минатата година СЗО одговори на 50 вонредни состојби во 82 земји, опфаќајќи повеќе од 3 милиони луѓе, помагајќи им на над 8.000 установи и распоредувајќи повеќе од 1.400 мобилни клиники.
„Здравјето нема цена”, изјави Ихеквеазу. „Денес повторно го повикуваме светот да инвестира во глобалното здравје.”
Соединетите Американски Држави (САД), како најголем финансиер на СЗО, во јануари оваа година официјално се повлекоа од организацијата.