Dildar Baykan
12 Декември 2018•Ажурирај: 12 Декември 2018
ЊУЈОРК (АА) - Последните 5 години се најтоплиот период во историјата на Северниот Пол, кој се загрева двојно повеќе од остатокот на светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Програмата за истражување на Северниот Пол на Американската национална океанска и атмосферска управа (NOAA), во која беа вклучени 81 научник од 12 земји, ги објави резултатите од истражувањето именувано како „Информативна карта на Северниот Пол“.
На подрачјето на Северниот Пол, во периодот од 2014 до 2018 година забележани се најтоплите 5 години, откако во 1900 година започна да се запишува температурата во тоа подрачје. Во извештајот се вели дека во дадениот период загревањето на Северниот Пол е за двапати поголемо од загревањето на остатокот на светот.
Најжешката година е 2016, а втора по високите температури на Северниот Пол е 2018 година.
- Ефектите од затоплувањето можат да се забележат насекаде во светот
Во извештајот се наведува дека промените на топлината на Северниот Пол можат да се почувствуваат и во неговите многу оддалечени делови, што е причина за сериозни бранувања во топлината на воздухот во целиот свет.
Во извештајот се посочува дека во последните 33 години, стопен е 95 отсто од најстариот леденик на Северниот Пол. Истовремено, популацијата на ирвасите во последните 20 години е намалена за 56 отсто и од некогашните 4,7 милиони ирваси, на Северниот Пол живеат 2,1 милион.
- „Сѐ уште не преоѓаме во акција“
Сузан М. Натали, научник за Северниот Пол од Центарот за истражувања „Woods Hole“ во Масачусетс, во изјавата дадена за весникот „Њујорк тајмс“ („New York Times“), го окарактеризира објавениот извештај како предупредување.
„Кога и да видиме некаков извештај, забележуваме дека работите одат на лошо, но сѐ уште не преоѓаме во акција. Овој извештај потврдува дека климатските промени се видливи“, наведе Сузан М. Натали, научник за Северниот Пол.