Dzihat Aliju
12 Јануари 2020•Ажурирај: 13 Јануари 2020
ТИРАНА (АА) - ЏИХАД АЛИЈУ -
Министерот за животна средина и урбанизација на Турција, Мурат Курум, истакна дека посетата на Албанија е со цел да се изградат постојани живеалишта за граѓаните што беа погодени од земјотресот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за животна средина и урбанизација на Турција, Мурат Курум, во рамките на посетата на Албанија, во разговор за АА истакна дека неговата посета на оваа земја е реализирана по инструкциите на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
„Во Албанија се наоѓаме по инструкциите на претседателот Реџеп Таип Ердоган за да им помогнеме на албанските браќа. Имаме за цел да изградиме постојани живеалишта за граѓаните што беа погодени од земјотресот“, нагласи министерот Курум.
- „Проектот Канал Истанбул е проект за спас на Босфорот"
Тој, исто така, се осврна и на проектот „Канал Истанбул“, истакнувајќи дека нема да дозволат некој да добива поени од проектот „Канал Истанбул“.
„Ние имаме работа. И во нашата земја и во просторите каде има неправда луѓето чекаат помош од нас.“
Курум, посочувајќи дека за проектот „Канал Истанбул“ се дадени сите потребни информации, рече: „Нашите граѓани јасно знаат дека проектот нема да поттикне земјотрес во Истанбул, дека нема да се намалат водните ресурси, освен 500 илјади нови жители што ќе дојдат од регионот, нема да има други. Во регионот ќе се изградат народни градини и овој проект е спас на Босфорот.“
„Каналот Истанбул“ е еден од најстратешките мегапроекти на Турција со кој се планира елиминирање на растечкиот ризик што го создаваат бродовите кои превезуваат опасни материи преку Босфорот.
Каналот долг 45 километри, што ќе се гради западно од центарот на градот, на европската страна на областа Истанбул, ќе го зголеми капацитетот на 160 бродови на ден.