Emre Aytekin
05 Јуни 2017•Ажурирај: 06 Јуни 2017
ТОКИО (АА) - Американскиот министер за енергија, Рик Пери, изјави дека и доколку САД се повлечат од Парискиот договор за климатските промени, ќе продолжат да ги исполнуваат обврските кон животната средина, јавува Anadolu Agency (AA).
Пери за време на посетата на Јапонија се состана со министерот за индустрија на таа земја, Хиросиге Секо.
Американскиот официјален претставник изјави дека САД ќе вложат напори за поттикнување на користењето на чиста енергија и за решавање на проблемите кога станува збор за заштитата на околината.
Тој додаде дека САД ја намалиле емисијата на јаглерод во индустријата и дека е една од водечките сили кога станува збор за технологијата на чист јаглен.
Секо и Пери постигнаа договор за развојот на соработката меѓу САД и Јапонија, кога станува збор за чистата енергија и за животната средина.
Двете земји ќе споделат информации и искуства кога станува збор за нуклеарната енергија, а САД ќе ѝ помогнат на Јапонија во врска со нуклеарната централа Фукушима.
Целта на Договорот од Париз, кој кон крајот на 2015 година го поддржаа речиси 200 земји, е да се забави глобалното затоплување, со цел да се ограничи растот на глобалната температура, сушата и порастот на нивото на морето.
Американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на јуни оваа година најави повлекување на САД од споменатиот договор.