свет

САД и Кина го финализираа продавањето на ТикТок на конзорциум со доминантна американска сопственост

Заедничката компанија, според соопштеното, ќе функционира под строги безбедносни мерки за заштита на националната безбедност, вклучително и сеопфатна заштита на податоците

Muhammed Yasin Güngör  | 23.01.2026 - Обновена : 26.01.2026
САД и Кина го финализираа продавањето на ТикТок на конзорциум со доминантна американска сопственост

ИСТАНБУЛ (AA) – Платформата ТикТок вчера објави дека е формирана заедничка компанија со доминантна американска сопственост, која ќе продолжи да работи во САД откако беше постигнат договор меѓу Вашингтон и Пекинг, јавува Анадолу.

„Денес е основана ТикТок УСДС Џоинт Венчр ЛЛЦ во согласност со извршната наредба потпишана од претседателот (Доналд) Трамп на 25 септември 2025 година, со што им се овозможува на повеќе од 200 милиони Американци и 7,5 милиони бизниси да продолжат да откриваат, создаваат и напредуваат како дел од глобалната заедница на ТикТок“, соопшти компанијата.

Во соопштението се наведува дека заедничката компанија ќе функционира под строги безбедносни мерки за заштита на националната безбедност, вклучително и сеопфатна заштита на податоците, безбедност на алгоритмите, модерација на содржините и софтверски гаранции за корисниците во САД.

Три главни инвеститори во новата компанија се Оракл, Силвер Лејк и компанијата за вештачка интелигенција МГИкс од Обединети Арапски Емирати, кои ќе поседуваат по 15% удел. Кинеската матична компанија БајтДенс ќе задржи 19,9%.

Меѓу другите инвеститори се Сусквехана, Драгонер и ДГО, семејната канцеларија на основачот на Дел Технолоџис, Мајкл Дел.

Американскиот претседател Доналд Трамп го поздрави финализирањето на договорот преку својата платформа Truth Social.

„Многу сум среќен што помогнав во спасувањето на ТикТок! Сега ќе биде во сопственост на група големи американски патриоти и инвеститори, најголеми во светот, и ќе биде важен глас“, напиша Трамп.

Тој му се заблагодари и на кинескиот претседател Си Ѓинпинг за соработката и за одобрувањето на договорот.

„Можеше да постапи поинаку, но не го направи тоа и неговата одлука е за почит“, додаде Трамп.

Претходно американскиот информативен портал „Семафор“ објави дека Вашингтон и Пекинг постигнале договор за продажба на американските операции на ТикТок на група инвеститори со седиште главно во САД.

Завршувањето на договорот се совпаѓа со рокот од 22 јануари, утврден со извршна наредба на Трамп, со која беше привремено одложена федералната забрана за апликацијата.

Иако легислативата од 2024 година наложуваше продажба поради загриженост за заштита на личните податоци, Трамп повеќепати го продолжуваше рокот за да се олесни транзицијата. Накратко платформата беше недостапна пред неговата инаугурација, но повторно беше активирана по интервенцијата на претседателот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın