Bayram Altuğ
28 Февруари 2019•Ажурирај: 01 Март 2019
ЖЕНЕВА (АА) – БАЈРАМ АЛТУГ -
Венецуелскиот министер за надворешни работи, Хорхе Ареаза, остро реагираше за одбивањето на неговиот предлог од страна на Соединетите Американски Држави (САД) за средба на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро и американскиот претседател Доналд Трамп.
„Тие секогаш го прават тоа. Не сакаат дијалог. Размислуваат за војна. Но повторно ќе бидат тешко поразени“, рече Ареаза.
Ареаза во Женева, Швајцарија, каде што отпатува за официјални средби, разговараше со дописникот на Аnadolu Аgency (AA).
Изразувајќи задоволство од поддршката на Турција кон Венецуела, Ареаза ги пофали претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и турскиот народ.
„Турција е многу важна земја. Турскиот народ (од самиот почеток на кризата) стана наш братски народ. Претседателот Ердоган, и со Венецуела и со принципите на ОН, покажува солидарност за спречување агресија врз мојата земја во кој било контекст“, рече Ареаза.
Ареаза во својот говор на 40. седница на Советот за човекови права истакна дека понудил средба на претседателот на Венецуела, Мадуро и на претседателот на САД, Трамп, и потсети дека неговиот предлог бил одбиен од страна на Роберт Вуд, постојаниот претставник на САД на Конференцијата за разоружување.
„Тие секогаш го прават тоа. Не сакаат дијалог. Размислуваат за војна. Но повторно ќе бидат тешко поразени“, рече Ареаза, додавајќи дека ако САД ја нападнат неговата земја, ќе бидат поразени.
- Повик до САД за дијалог -
Во својот говор во Советот, Ареаза повика на дијалог со САД за решавање на проблемите, и додаде: „Зошто да нема дијалог со САД. Зошто да не се сретнат претседателот Мадуро и Трамп? Ако се состанат, ќе можат да си ги објаснат разликите во мислењата.“
Тој, исто така нагласи дека треба да престане агресивниот став кон неговата земја, предложувајќи Мадуро и Трамп да се состанат во Венецуела.
Роберт Вуд, постојаниот претставник на САД на Конференцијата за разоружување, на прес-конференција даде негативен одговор на повикот на Венецуела за разговори со американскиот претседател Трамп, и додаде: „Претседателот Трамп прави подготовки за да се сретне со легитимен претседател на Венецуела. А тоа е Хуан Гваидо.“
Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари, кога претседателот Николас Мадуро ја положи заклетвата за втор мандат, по изборите кои беа бојкотирани од страна на опозицијата.
Тензиите дополнително се зголемија откако опозицискиот лидер и претседател на Парламентот на Венецуела, Хуан Гваидо, на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател на државата, што беше поддржано од страна на САД и голем број европски и латиноамерикански држави.
Русија, Кина, Турција, Боливија, Мексико и Иран го поддржуваат Мадуро. Претседателот Мадуро, поради развојот на настаните ги прекина дипломатските и политичките односи со САД, но соопшти дека трговските односи продолжуваат.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, имаше изјавено дека една од опциите е „испраќање воени единици во Венецуела“.